ИЗЛОЖБАТА „АНА ФРАНК – ЛЕКЦИИ ЗА СЕГАШНОСТА“ СЕ ОТВОРА ВО ПРИЛЕП

Изложбата „Ана Франк – Лекции за сегашноста“ 28 март (понеделник) ќе биде отворена во Прилеп, во ликовниот салон на НУЦК „Марко Цепенков“. Изложбата ќе биде поставена до 07.04.2016, секој работен ден од 8 до 22 часот, а влезот ќе биде бесплатен.

Отворањето на изложбата ќе биде придружено со поздравни говори и проектирање на кусиот филм „Краткиот живот на Ана Франк“.

Патувачката изложба „Ана Франк – Лекции за сегашноста“ претставува збир од триесет и девет изложбени панели, кои носат бројни детали од животот на малата Ана и нејзиното семејство од Втората светска војна. Изложбата е отворена во Македонија во рамки на проектот „Хисторија, Историја, Повјест – Лекции за денес“, а организатори се Младински образовен форум и Куќата на Ана Франк од Амстердам. Во изложбата има и панели креирани посебно за македонскиот контекст, во периодот по Втората светска војна до денес, а се изработени од домашните експерти Мишо Докмановиќ и Бесник Емини.

Она што ја прави оваа изложба поинаква е што водичи за посетителите ќе бидат млади волонтери, средношколци кои поминале обука за да ја раскажат приказната на Ана Франк. Досега има посетено четириесетина земји.

Изложбата во Македонија е изработена и донесена во рамки на проектот „Хисторија, Историја, Повјест – Лекции за денес“ поддржан од Европската Комисија. Проектот има за цел да го покрене вниманието и поттикне дискусија за настаните од блиското минато на Западен Балкан кои се причина за различни поделби и генерирање на конфликти во минатиот век.

FILTER

READ THIS ALSO