Криенка

Јелена Грујиќ Зиндовиќ

Во изминатите неколку години се проценува дека бројот на преостанати исчезнати лица од војните што доведоа до распад на СФРЈ изнесува помеѓу 10 000 и 12 000 луѓе1 - пред десет или повеќе години тој број беше околу 14 000 - и досега не е променет. Во меѓувреме, сè поголем е бројот на меѓународни (регионални) тела кои се занимаваат со овој проблем, а во последниве години превладува Меѓународната комисија за исчезнати лица – која го сработи поголемиот дел од работата тука по војната и придонесе за решавање на најголемиот број случаи на исчезнати лица регистрирани во модерната историја досега2 – кои главно беа фокусирани на работа надвор од регионот. Со други зборови, иако според бројките, за кои повеќе или помалку е постигнато усогласување од страна на сите поранешни републики на СФРЈ, малку повеќе од 70% од сите случаи со исчезнати се решени3, овој проблем им е предаден на решавање на владите во регионот. (Лично, ова звучи како стравично сценарио од хорор филм.)

Сите земји од регионот (кои се занимаваат со исчезнати лица), помалку или повеќе ги истакнуваат истите пречки кои стојат на патот на финиширање на овој процес. За волја на вистината, јас не сум запознаена со ниту еден вооружен конфликт кој завршил со пронаоѓање на сите жртви. Но, во 2019 година би сакала да верувам дека е возможен понатамошен напредок.

Наоѓањето на гробовите се истакнува како клучен проблем, како и идентификувањето на жртвите и - од моментот кога „задачата“ беше преземена од страна на државните комисии – „размената на информации за локациите од заеднички интерес, но и пребарувањето низ локалните и меѓународните архиви со цел пронаоѓање нови информации“ (на пример погледнете ја изјавата на Комисијата за исчезнати лица на Владата на Србија, од 7 јуни 2019 година). Сигурна сум дека се споменати мртовечниците во Загреб, Сараево, Тузла, Приштина и Белград каде телата кои се чуваат со години, од различни причини, не може да бидат идентификувани. Тоа значи дека постојат неколку стотици тела, ужасно голем број на тела, кои само лежат некаде, и чекаат на ред. Објаснувањата за нерешавањето на овие случаи и нивната идентификација се различни – на пример, непостоење на ДНК за споредба (има и други, но доколку почнеме да ги набројуваме ќе навлеземе во делот на форензиката за кој нема место во овој текст).

Кога пред неколку години, врз основа на Законот за достапност на информации од јавен карактер, побарав објаснување од сите надлежни институции во регионот, за разлика од „вообичаените“ проблеми, како еден од главните фактори во сите земји е идентификуван „недостатокот на капацитети“ и недостатокот на „средства“, како што властите сакаат да се изразат.

Искрено, она што ме изненади најмногу е фактот што тогаш имаше преку стотици масовни гробници обележани во Босна и Херцеговина, но дека „немаше пари“ да се ископаат. Исто како и во Хрватска, каде што сите гробови (или гробници) беа уредно и прецизно означени во согласност со меѓународното хуманитарно право, а жртвите беа фотографирани пред погребот. Може да се обложиме дека останатите гробници кои сè уште не се откриени се оние на српските жртви. Хрватска никогаш не криеше дека по војната нејзин приоритет беше да се откријат гробовите на убиените граѓани од хрватска националност. Сепак, тука доаѓаме до клучниот проблем од гледна точка на Србија, односно одговорноста на српските институции. Дали некој од Србија, всушност, се бори да се откријат и да се идентификуваат овие луѓе? Но, за да се објасни односот на Србија кон нејзините жртви, потребен е одделен есеј.

Мала дигресија: „главното лице“ во Србија задолжено за решавање на прашањето на исчезнатите лица е Вељко Одаловиќ. Од 1987 година бил на служба во Косово, а од 1997 до 2001 година бил шеф на Покраината Косово (како што порано се нарекуваше). Во август 2011 година направив интервју со него за неделникот НИН, во кое тој наведе дека „септември ќе биде многу важен месец за исчезнатите лица“, бидејќи се подготвува истрага на целните локации. Неколку месеци подоцна – не се случи ништо ново за нас кои ги следиме случувањата од регион - беше објавено дека ја прекопале секоја педа од таа земја и не нашле ништо. Во наведеното интервју тој рече дека, што се однесува до Србија, сè било решено во врска со барањата испратени до Хрватска. На сите состаноци со властите Хрватска сè уште го става прашањето за исчезнатите лице како втор или трет услов за решавање на отворените прашања на регионалните односи меѓу овие две земји.

Што се случи неколку години подоцна? По изјавата на Одаловиќ дека сè што можело да се ископа се ископало, и ако се сеќавам точно зборуваше за тоа како за лажна вест во неколку наврати, беше откриена гробница во 2012 година во темелите на една бизарна куќа, изградена директно над масовната гробница во која имаше повеќе од 250 тела. Куќата, која не беше типична за округот Рашка, беше половина завршена и беше сосема очигледно дека тоа е направено за да се прикријат доказите. Барањата на Владата на Приштина да се преиспита Рудница во Рашка стоеја на масата на Одаловиќ од 2004 година.

А Хрватска? Масовните гробници за кои се инсистира, главно оние околу Осиек и Вуковар, лесно може да се откријат, ако некој сака. Офицери, генерали и оние кои знаат каде се тие масовни гробници, слободно живеат во Србија. Некои зборуваа и пред Хашкиот трибунал како заштитени сведоци, но само за системот на апсења и убиства, не и за местата на кои биле закопани жртвите. Властите, особено српската „власт во власт“, многу добро знаат каде се и што прават оние кои може да ги лоцираат тие места на картата.

Нема простор за отворање на исклучително важното прашање во врска со матичната евиденција, што српската војска ја презела од сите „изгубени“ територии. По години и години негирање од страна на Одаловиќ - човекот е професионалец кој си ја работел својата работа - за време на неговата посета на Хрватска во 2018 година, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, ја врати матичната евиденција земена од градот Двор.

Многу хрватски граѓани од српска националност ги загубија своите животи во Двор.

Јелена Грујиќ Зиндовиќ е основач на организацијата „Кардан“ која се занимава со негување на културата на сеќавање преку уметноста, медиумите и науката.

1 Bomberger, K (2018). “ It’s Not Too Late to Find Wartime Missing Persons.” Balkan Insight. https://balkaninsight.com/

2 ICMP. “Berlin Process Poznan Meeting: Missing Persons Group Maintains Effort To Account for Those Still Missing from 1990s Conflicts in Former Yugoslavia” ICMP Press Release, 4 Jul. 2019. https://www.icmp.int/

3 Bomberger, K (2018). “ It’s Not Too Late to Find Wartime Missing Persons.” Balkan Insight.

__________________________________________________

The article is published in the regional magazine Balkan.Perspectives number 12.

The magazine can be found on the link: http://www.dwp-balkan.org/mk/bpm.php?cat_id=6&text_id=2

FILTER

READ THIS ALSO