Гробниците далеку од судниците

Photo: Samir Sinanović

Един Рамулиќ

Ништо не ни дава појасна претстава за војната од сликите на свежо отворен гроб со човечки остатоци кои ѕиркаат од слоевите на земја и чакал. Масовните гробници се места каде што сме лице в лице со смртта, и тие се пострашни од кое било сведоштво или документарен филм. Тие се пострашни и од гробиштата бидејќи ни нудат интимен поглед на распаѓањето на човечкото тело и скелет. Во овие краишта, масовните гробници се во срцето на секој националистички наратив и секоја политичка кампања која има цел да го обвини непријателот.

Парадокс е дека постоењето на масовни гробници има корисна димензија во потрагата по исчезнатите лица. Доколку сторителите на масовни егзекуции на освоените територии на Босна и Херцеговина (БиХ) избраа друг метод за отстранување на телата, ќе беше речиси невозможно да се дознае што се случило со повеќето жртви кои досега се идентификувани. Тие можеа да ги запалат телата, како што тоа се правеше за време на Холокаустот, бидејќи нацистите имаа фабрики, киселини, мелници и топилници на располагање. Наместо тоа, овие се одлучија за најевтиниот метод - масовни гробници.

Мислејќи дека никој никогаш нема да го бара тоа што го скриле, беа невнимателни. Гробовите ги ископуваа во близина на главните патишта, оставајќи траги со докази исведоци. Извршителите на масовните убиства и егзекуции, генерално, немале обврска да ги закопаат телата. Процесот на ослободување од тела во масовни гробници честопати бил извршуван од страна на луѓе од цивилната заштита, работните единици, локалните градежници, комуналните услуги или транспортните компании, понекогаш дури и од пожарникарите; полицајците, а понекогаш и војниците, обезбедувале заштита. Сите овие години, никој не ги прашал овие луѓе за процесот или локацијата на која ги скриле телата. Немаше кој да ги праша.

Винстон Черчил еднаш рекол дека ако не сакате проблемот да се реши, треба да формирате комисија. Властите во БиХ го направија токму тоа. Со цел да се ​​открие судбината на повеќе од 35.000 исчезнати лица, тие формираа не една, туку три национални комисии. Трите комисии беа составени од околу 40 луѓе, а во нив немаше ниту еден форензички антрополог или криминолог. Овие комисии потоа беа ребрендирани во Институтот за исчезнати лица на БиХ, каде во моментов има околу 19 вработени истражувачи. Овие истражувачи се задолжени за расветлување на судбината на повеќе од седум илјади луѓе кои сѐ уште се водат за исчезнати од БиХ, но тие немаат официјално овластување за спроведување на интервјуа или теренски истражувања.

Припадниците на полицијата се единствените кои имаат овластување, капацитет, како и законска обврска, за извршување на теренски истражувања за исчезнатите лица. Сепак, тие ниту ги спроведуваат ваквите истраги, ниту пак тоа од нив се очекува. Според некоја апсурдна логика, полициските службеници се присутни за време на ексхумациите, изведуваат форензички истраги, и учествуваат во идентификување на телата, но се исклучени од собирањето на информации за нови локации на масовни гробници, дел во којшто се најмногу потребни.

Може да се забележи и еден парадокс во пристапот на судскиот систем. Стотици масовни гробници и илјадници колективни и индивидуални гробници биле откриени досега, а ниту еден човек досега не е осуден за ослободување од телата.Никогаш не бил направен точен попис на исчезнати лица. Секој кој има обична логика најпрво би направил некаква листа на исчезнати лица, за да се знае кого да бара. Но, не, тука тие прво бараа масовни гробници и тела, а потоа ги регистрираа лицата само откако гробниците беа ексхумирани и телата беа идентификувани. Резултатот е стотици неидентификувани тела кои сѐ уште се чуваат во костурници.

Поради постоењето на масовни гробници, Владата на БиХ не може да се гордее дека помогнала во постигнување на релативно позитивни резултати во решавањето на случаите со исчезнати лица. Сепак, без Меѓународната комисија за исчезнати лица, која беше отворена за соработка и во рамките на која работеа лаборатории за ДНК анализа, масовните гробници ќе станеа масовни костурници или гробишта на неидентификувани лица, наместо ресурс за ексхумација и идентификација на исчезнатите лица.

Ништо не може да придонесе кон колективизацијата на жртвата како масовните гробници. Тоа што станува најважно е етничката или верската припадност на жртвата, а не индивидуалниот идентитет на жртвата, како нечиј татко, брат или ќерка, добар фудбалер или адвокат. Луѓето стануваат броеви во некаков бизарен натпревар за тоа која заедница претрпела најголеми загуби. Масовната гробница „Томашиц“ во близина на Приедор, каде се пронајдени 435 тела, е прогласена за „најголемата масовна гробница во Европа по Втората светска војна“, иако 628 тела биле ексхумирани од масовната гробница „Црни Вр“ во близина на Зворник во 2003 година. Но, тоа не беше најголемата масовна гробница најдена на територијата на поранешна Југославија. Најголемата, која содржи 705 тела, беше откриена во Батајница, во близина на Белград. Јавноста обично не се сеќава на имињата на оние кои биле пронајдени.

Степенот на незаинтересираност на јавноста кон постоењето на масовните гробници се илустрира со еден речиси неверојатен факт. Во 2012 година, агенцијата „Анадолија“1 ги објави следните информации: „Меѓународниот суд на правдата изјавува дека е откриена масовна гробница со 540 тела во близина на логорот „Мањача“. Телата биле веројатно од „Мањача“. Босанските медиуми и јавните власти, како и некои истакнати регионални ТВ станици, ја повторува оваа изјава на секој ден за комеморација на жртвите од „Мањача“. Вистината е дека никогаш не била откриена масовна гробница во близина на логорот „Мањача“, во близина на градот Бања Лука. Меѓународниот суд на правдата немаше никаква врска со изјавата. Агенцијата „Анадолија“ измисли масовна гробница поголема од „Томашица“ на територијата на Бања Лука и оваа измислица продолжува да се третира како вест. Дали никој не се прашува кои се тие луѓе, каде се нивните семејства, или каде се тие закопани? Здруженијата на преживеани од концентрациониот логор кои организираат комеморации за „Мањача“ не споменуваат масовна гробница, и државните службеници кои не ексхумирале таква гробница, бидејќи никогаш не била откриена, исто така молчат, но можеби најрелевантниот молк доаѓа од самиот град Бања Лука, каде што измислената масовна гробница наводно се наоѓа.

Масовните гробници се производ на колективните кривични дела, кои вклучуваат повеќе луѓе отколку само оние кои се одговорни за планирање и извршување на убиствата. Нивното откривање (и прикривање) во нашата татковина е алармантен феномен кој длабоко вознемирува, особено кога е познат фактот дека оние кои биле вклучени во создавањето и прикривањето на масовните гробници сѐ уште се слободни. Хуманитарниот пристап кој досега се користи – наоѓање на телата, идентификување и повторно закопување - не е доволен. Приказната за масовните гробници треба да заврши на суд, не под земја.

Един Рамулиќ е активист за човекови права од Приедор, поранешен новинар и уредник на три изданија на книгата за исчезнати лица со наслов „Ни криви, ни должни“. Неговата постојана преокупација е нудење поддршка за сведоците и жртвите на воените злосторства и собирање на информации за исчезнатите лица. Преку својата работа има цел да придонесе кон процесот на градење на култура на сеќавање и справување со минатото. Тој е претседател на Фондацијата за градење на култура на сеќавање во Приедор и во моментов е вклучен во формирањето на Центар за документација и информации во Приедор.
 

1извор: https://www.aa.com.tr/ba/arhiva/obilje%C5%BEeno-20-godina-od-zatvaranja-logora-manja%C4%8Da/355520?fbclid=IwAR3LjW_v1wtN1vNOirMXKQIKF63dMl-mj-QW5ijozcfJtT9XM0biJlMlqfA

_______________________________________________________________

The article is published in the regional magazine Balkan.Perspectives number 12.

The magazine can be found on the link: http://www.dwp-balkan.org/mk/bpm.php?cat_id=6&text_id=2

FILTER

READ THIS ALSO