Предизвиците на потрагата по исчезнати лица во Босна и Херцеговина

Околу 35.000 лица исчезнале за време на војната во Босна и Херцеговина. Повеќето од нив биле цивили или војници кои биле заробени и убиени како жртви на воени злосторства. Од крајот на војната, институциите во Босна и Херцеговина (БиХ) пронајдоа и идентификуваа околу 28.000 од исчезнатите. Со тоа, на семејствата им се разјаснија околностите околу исчезнувањето, смртта и закопувањеот на членовите на нивните семејства. Ова му овозможи на правниот систем да ги гони оние кои се одговорни за овие злосторства. Според податоците од Институтот за исчезнати лица на Босна и Херцеговина (ИИЛ), 80% од исчезнатите биле пронајдени и идентификувани, но 7.000 луѓе сѐ уште се водат за исчезнати. Нивните семејства не можат да најдат мир додека не ги погребаат останките на нивните најблиски, кои сѐ уште се расфрлани во масовни гробници низ целата земја. Како што семејствата губат надеж, заробени меѓу очекувањата и реалноста, на институциите надлежни за потрага по исчезнатите лица им е сѐ потешко да добијат информации кои ќе доведат до откривање на локации на кои се наоѓаат масовни гробници.

Бројот на сведоци секој ден се намалува, а многу од нив им се недостапни на институциите во БиХ. Често, информациите обезбедени од страна на сведоците се намерно или ненамерно неточни, а документацијата е недостапна. Институциите трошат стотици илјади босански марки да ја истражат секоја трага.

Законот за исчезнати лица, еден од првите вакви закони во светот, има многу предности. Сепак, тој содржи одредени ограничувања кои ја спречуваат поефикасната потрага по исчезнатите лица. Едно од нив е што на истражителите од ИИЛ одговорни за потрагата по исчезнатите лица им се дадени „скромни“ овластувања. Нема орган за спроведување на законот, истражителите, кога разговараат со потенцијалните сведоци, се потпираат исклучиво на нивната добра волја и подготвеност да соработуваат. Сведоците немаат законска обврска да ги споделат информации со истражителите, без оглед на тоа колку таквите информации се клучни за истрага. Сведоците се често луѓе кои биле вклучени во копањето на гробниците, ги возеле камионите, или биле директни извршители на злосторствата и затоа избегнуваат да зборуваат за злосторствата со кои тие се поврзани. Ретко се случило откривање на масовна гробница благодарение на сведок, кој, на своја сопствена волја, контактирал со институциите за да им обезбеди информации или да им помогне.

Друго ограничување кое го сметам за пречка во потрагата по исчезнати лица е членот 231a од Кривичниот закон на БиХ. Членот 231a вели дека секој што знае и не пријавува локација на масовна гробница ќе се казни со казна затвор до три години. Целта на овој член е да се охрабрат оние кои имаат информации за масовните гробници да го пријават тоа на властите. Во практиката, членот е неефективен, па дури и проблематичен. Никој не бил обвинет или осуден за ова кривично дело досега, затоа што е многу тешко да се докаже дека некој знае за некакво воено злосторство без да се докаже дека и самите тие биле сторители или соучесници во злосторствата. Исто така, постои можност член 231a, всушност да ја поткопа целта да се поттикнат сведоците да откријат информации за масовните гробници. Поединците кои, за определен финансиски надоместок, би можеле да обезбедат информации кои би можеле да помогнат во откривањето на масовна гробница може да не се спремни да го сторат тоа ако се контактирани од страна на инспекторите или органите на Државната агенција за истраги и заштита (ДАИЗ) или Обвинителство, бидејќи на тој начин ќе се инкриминира поединецот и ќе се докаже дека претходно бил вклучен во прекршување на законот. Поради овој закон, овие институции не можат да понудат пари во замена за информации. Другите нејавни институции или поединци/семејства кои се во состојба да понудат парична награда во замена за информации формално потпишуваат правен договор со „извршителот“ на кривичното дело.

Ако се тргнат на страна овие ограничувања, сѐ уште постои простор за подобрување на процесот на потрага по исчезнатите лица. Мора да ги насочиме ресурсите кон ПРИБИРАЊЕ НА ПОДАТОЦИ и АНАЛИЗИ во обид да ја откриеме вистината и да ги најдеме останатите 7.000 исчезнати лица. За секое исчезнато лице, треба да ги утврдиме околностите на нивното исчезнување, вклучувајќи го и прецизното или приближното време на исчезнувањето и местото каде за последен пат биле видени. Во овој поглед, помошта на нивните семејства е бесценета. Семејствата често имаат корисни информации, бидејќи семејствата на исчезнатите лица обично биле последните кои ги виделе своите најблиски. Во тој случај исчезнатите може да се групираат на основа на областа, датумот и околностите на нивното исчезнување, како и врз основа на демографски критериуми, вклучувајќи пол, возраст, изглед, итн. Отворањето на воените архиви и анализирањето на судските пресуди може да помогне во утврдувањето на околностите кои му претходеле на исчезнувањето. Исто така, потребно е да утврдат околностите и датумите на исчезнување на луѓето од иста област кои веќе се пронајдени и идентификувани. Овие информации ќе ви помогнат во идентификување на моделите на исчезнување на одредени области. Масовните гробници често се наоѓаат во близина на претходно ископани гробови, кои биле ископани во истата област во истиот период. Откако ќе се соберат, групираат и анализираат овие податоци, ќе може подобро да се идентификуваат луѓето, соучесниците или сведоците, кои може да ги знаат локациите или да поседуваат информации кои ќе нѐ доведат до откривање на масовни гробници. Потребно е да се планираат и испрашувања на сведоците, како и материјална документација за критичниот период (распоред на работа за време на војната, записници за возилата/машините, потрошувачка на бензин, итн.).

Елдар Јахиќ е истражувач во Јавното обвинителство на Сараево. Дипломирал криминологија, а магистрирал право. Работел во Центарот за истражување и документација во Сараево на проекти од областа на транзициската правда и справувањето со минатото. Од 2010 година, работи во Јавното обвинителство на БиХ, најпрво како аналитичар, а подоцна и како истражувач во Одделот за воени злосторства. Има долгогодишно искуство во истражување на воени злосторства и за пронаоѓање на гробници во околината на Приедор, а во изминатите пет години истражувал настани и ги гонел одговорните за геноцидот во Сребреница. Како овластен претставник на Обвинителството на БиХ помогнал во пронаоѓањето на бројни гробници и во ексхумацијата и идентификацијата на стотици лица. Работел на гробниците во Томашица и Јакарина Коса во Приедор, како и во Брањево и Козлук во околината на Зворник, каде беа најдени жртвите убиени во Сребреница во јули 1995 година.

______________________________________________________________________

The article is published in the regional magazine Balkan.Perspectives number 12.

The magazine can be found on the link: http://www.dwp-balkan.org/mk/bpm.php?cat_id=6&text_id=2

 

FILTER

READ THIS ALSO