Куса историја на институционализацијата на едно сеќавање (обид)

Авторката Златиборка Попов-Момчиновиќ неодамна ја објави книгата „Жените во процесот на помирување во Босна и Херцеговина: предизвик за родовите улоги, воспоставените (и новите) нарации и перформативните практики со фокус на религијата“. Страниците на оваа Публикација се состојат од резултатите на обемно емпириско истражување. Особено ќе подвлечам еден од тие наоди. Имено, според авторот, во текот на длабинските интервјуа, некој од испитаниците изјавил дека „е неопходно да се изградат споменици на сите жртви, без етнички префикс“ и дека „не постои политичка волја за изградба на споменик на „луѓе“ со малцински статус од аспект на бројноста на конкретни локации“. На сличен начин, во својот есеј „Изразување на неизразливото“, Нерзук Ќурак смета дека надежта за иднината е изградбата на споменици на „сопствената вина“, што е можно „доколку го ослободиме секојдневието од теророт на историјата. Дури и да сме поделени со длабок етнонационализам и континуираниот тренд да е градење споменици исклучително во границите на секоја една заедница, и без да се помисли на преземање какви и да е чекори во насока на етиката на одговорноста, неформалното обележување на Денот на паметење на жените - жртви во војната во Босна и Херцеговина (БиХ) дава зрак  надеж дека неможното е, сепак, можно.  

Со други зборови, недовршената приказна во врска со институционализацијата на овој ден, истовремено, поттикнува признавање на напорите на активистите и обесхрабрува поддршка за отпорот кон нивните напори. Секако, би било вредно да се продискутира за овој отпор и би можело да се рече дека е постигнат компромис во дискусиите што траеја од септември 2014 до јануари 2018 година. Според тоа, главната цел на текстот што следи, врз основа на анализата на записниците од седниците на Комисијата за родова еднаквост на Домот на претставници во Парламентарното собрание на Босна и Херцеговина и на материјалите што се разгледувале во текот на истите (кои се достапни на веб-страницата на Парламентарното собрание на Босна и Херцеговина [1]), е да се претстави историската заднина на иницијативите на жените и мажите активисти досега, со цел да се воведе Ден на паметење на жените - жртви на војната во Босна и Херцеговина.

Денес, активисти од различни градови во Босна и Херцеговина го обележуваат 8. декември како неформален Ден на паметење на жените - жртви на војната во Босна и Херцеговина, како дел од глобалната кампања: 16 дена активизам против родовото насилство. Со тоа се создава целосно поинаква нарација на меморијата, која не е еднострана. Сепак, треба да се има на ум и тоа дека, во поглед на сферата на граѓанското општество и неформалното политичко дејствување, формалните политички активности создаваат машки нарации за меморијата, кои не само што ги игнорираат конкретните искуства на жените во војната, туку и често вешто манипулираат со етнонационалната реторика, со што не само што се парализира процесот на градење мир, туку неретко и се продлабочува конфликтот.

Есента 2014 година, 12 организации на жени соработуваа на проектот „Мир со женски лик – иницијатива на жените за справување со минатото“; тие собраа околу 1.200 потписи  на граѓани, доставени во форма на писмена иницијатива за воведување на Ден на паметење на жените - жртви на војната во Босна и Херцеговина (во натамошниот текст: Иницијативата) до Комисијата за реализација на родова еднаквост на Домот на претставници на Парламентарното собрание на Босна и Херцеговина (во натамошниот текст: Комисијата). Заедничката мировна иницијатива е значајна на повеќе нивоа. Таа ги здружува женските и машките активисти од целата Босна и Херцеговина, кои, во согласност со Иницијативата, го истакнуваат фактот дека жените се исклучени од процесот на комеморација и дека „целокупното и поединечното страдање на жените не се ‘обележува’ на ниту еден начин“. Ваква една иницијатива е неопходен предуслов за правда, затоа што го сместува процесот на паметење во дискурсот за граѓаните на Босна и Херцеговина кои пострадаа во текот на граѓанската војна од 1992 до 1995 година и вклучува мноштво искуства.

Комисијата во неколку наврати ја разгледа Иницијативата. Расправата започна во февруари 2015 година, (на Третата седница на Комисијата) и продолжи во април истата година,  на Петтата седница, на која Комисијата „ја прифати иницијативата во начело“ и се согласи дека „по разгледување на аргументите за датумот предложен од страна на подносителот на Иницијативата“, Комисијата ќе утврди предлог-акт, кој ќе биде препратен до Домот на претставниците на одобрување и кој ќе претставува реализација на Иницијативата.

До септември 2015 година, беше поднесен амандман на Иницијативата, со кој се предлагаше Денот на паметење на жените - жртви на војната во Босна и Херцеговина да биде на „неутрален датум“, односно на 8 декември, и да нема карактеристики на национален празник, но да се означува како дел од глобалната кампања „16 дена активизам против родовото насилство“. Во амандманот е дадено детално објаснување со сеопфатна историја на оваа глобална кампања и нејзиното значење, со што јасно се демонстрира дека подносителите настојуваат да го третираат прашањето на паметење на граѓаните со чувствителност. Со избирање на неутрален датум, подносителите, како што е наведено во амандманот, сакале да го кренат „страдањето на луѓето (мажи и жени) во војната“ од „општо исполитизираната атмосфера“ која владеела во периодот меѓу 1992 и 1995 година, на ниво на евалуација на „вредноста на човековите права и животи“. Верувам дека важноста на ваков еден пристап е во тоа што е отворен кон вклучувањето на сите различни, лични и болни искуства, а особено на маргинализираните искуства на жените.

До крајот на 2015 година, и покрај тоа што навидум требало само да се предложи конкретен датум за Иницијативата, од записникот од Седмата сесија на Комисијата дознавме дека Амандманот на Иницијативата на организациите на жените во Босна и Херцеговина била разгледана и, со два гласа „ЗА“, два „ПРОТИВ“ и еден „ВОЗДРЖАН“, Иницијативата не била прифатена. Со оглед на тоа што на подносителите не им било дадено објаснување, туку само известување дека Иницијативата не е прифатена, тие повторно го поднеле барањето симболично на 8 декември 2016 година и предложиле Комисијата да одржи „тематска дебата/седница по прашањето на родовиот аспект во паметењето на војната“ во Босна и Херцеговина, придружено со четиринаесет страници аргументи, кој подоцна бил тема на дискусија на Дванаесеттата седница на Комисијата. Предлогот да се одржи тематска дебата бил одобрен.

Во јули 2017 година, се одржала тркалезната маса „Родови аспекти на паметењето на војната во Босна и Херцеговина“, со цел да се дојде до прифатливо решение. Сумирајќи ги заклучоците од тркалезната маса, Вилдана Џекман, активистка и феминистка, наведе дека, меѓу другото, било договорено Комисијата да ја „вклучи Иницијативата на дневниот ред на една од своите идни седници“, со цел „тематската седница на Комисијата да биде свикана најдоцна до 8 декември 2017 година“.

Во јануари 2018 година, на Петнаесеттата седница на Комисијата, биле разгледани заклучоците од оваа тркалезна маса и била прифатена „Иницијативата Комисијата да учествува во обележувањето на 8 декември како Ден на комеморација на страдањата на жените во текот на војната во Босна и Херцеговина, но едногласниот пристап кон Иницијативата бил тој Комисијата да му предложи на Парламентарното собрание да донесе одлука тој ден формално да се обележува на 8 декември“. Комисијата се повлекла за да донесе одлука во врска со предлогот, а на 8 декември активистите неформално го означиле Комеморативниот ден на страдањата на жените во текот на војната во Босна и Херцеговина. Сега се сетив дека треба да ве потсетам на почетокот на текстот: доколку не постои начин да се институционализира и формално да се обележи Денот на паметење на страдањето на жените  граѓани, наивно е да се очекува да биде подигнат споменик кој ја претставува „сопствената вина“.

За авторот:

Амила Ждраловиќ дипломирала на Катедрата за филозофија и социологија на Филозофскиот факултет во Сараево и ги завршила магистерските и докторските студии на Катедрата за социологија при Факултетот за политички науки во Сараево. Таа е коавтор на две книги и автор на повеќе од 30 научни трудови. Нејзиниот примарен фокус и интерес се феминистичките дискусии за правдата и правичноста.

This article was published in the regional magazine Balkan.Perspectives number 11. The entire content of the magazine can be found on the link: http://www.dwp-balkan.org/cms_dwp/userfiles/file/11/BP_mk.pdf

 

[1] https://www.parlament.ba/committee/read/21?mandateId=8

ФОТО КРЕДИТИ: Центар за правата на жените – Зеница

FILTER

READ THIS ALSO