Ослободување на простор

Интервју со Благоја Бајковски и Марина Торнатора

Кога зборуваме за овековечување спомени во македонското општество, најчесто размислуваме за спомениците и нивната функција во нашата култура. Преку спомениците, се сеќаваме на некои далечни времиња и на хероите кои се паметат. Во текот на целиот Проект Скопје 2014, спомениците повторно беа мета на дискусии, затоа што бевме сведоци на тоа како се подигаа нови споменици. Разните херои, од античкото доба па сѐ до современата историја, предизвикаа дебата во општеството во поглед на тоа дали треба да славиме историски фигури, кои се во најголема мера непознати. На другата страна на дебатата, тие споменици претставуваат комеморација на историските фигури кои придонеле кон создавањето на државата, па токму поради тоа, поддржувачите на проектите сметаа дека е вистинско време граѓаните да се запознаат со нив.

Меѓутоа, додека дебатата за спомениците се разрешуваше, архитектонската уникатност на градскиот центар на Скопје почна да се менува. Модерниот изглед беше многу препознатлива одлика на Скопје, која почна да исчезнува. Од брутализмот во архитектурата на Телекомуникацискиот центар, па сѐ до современите фасади на околните згради – сѐ почна да се менува. Широкиот и отворен централен плоштад почна да се исполнува и видоизменува.

Една од зградите која се сметаше за автентичен белег на градот беше зградата на НА-МА. Архитектонското дело на Славко Брезовски од 1959 година се смета за едно од првите модерни структури во градот. Во сеќавањата на постарата генерација скопјани, тоа не е само трговски центар. За првпат во историјата, Скопје ја доби својата прва „трговска куќа“, во која луѓе со разно потекло можеа слободно да купуваат и да се запознаваат. Во својот зенит, зградата се сметаше за собирно место на граѓаните од Скопје, место за средби со пријателите, за купување или, едноставно, за релаксација.

Меѓутоа, со Проектот Скопје 2014, зградата почна да се менува. Доби нова фасада и речиси се изгуби во морето нови и реновирани згради на централниот плоштад. За да разбереме дали зградата го изгубила својот основен белег, дали луѓето сѐ уште ја препознаваат и како зградата може да се ослободи, разговаравме со Благоја Бајковски и Марина Торнатора. Благоја е докторанд на Универзитетот во Реџио Калабриа, а Марина е неговиот ментор. Заедно работат на Проектот „Ослободување простор“ со 10 други архитекти од Република Северна Македонија и Европа. Главната цел на овој Проект е да се редизајнира дел од постојната инфраструктура на централниот плоштад на Скопје.

Работите на Проектот „Ослободување простор“, поконкретно на Стоковната куќа НА-МА. Дали во текот на Вашата работа на Проектот и во текот на Вашето истражување увидовте како оваа зграда придонела кон колективната меморија на граѓаните на Скопје?

За нас, работата на НА-МА, проектирана од Славко Брезовски во 1959 година, пред сѐ значеше дека треба да се спроведе истражување за нејзините „пиши-бриши“ во различни фази од нејзиниот историски развој, а истовремено и да се размисли во што таа може да прерасне денес за современо Скопје, во оваа ера на глобализација.

НА-МА претставуваше симбол на модерното за Скопје, проектирана со тогаш вообичаените архитектонски елементи кои ја следат европската архитектура од првата половина на XX век, како што се слободното планирање, големите прозорци, конзолите, а и иновативните вертикални конекции, како што е лифтот.

Тие специфични архитектонски квалитети ја претворија НА-МА во симбол на модернизацијата и напредокот на градот, во „атракција“ за граѓаните вон комерцијалната функција за која беше замислена.

Зградата на НА-МА е во сеќавањата на граѓаните на Скопје како една од првите модерни конструкции во градот. Сите бевме сведоци на преобликувањето на оваа зграда во рамките на Проектот Скопје 2014. Како тоа преобликување ја смени перцепцијата за зградата? Што ќе знаат новите генерации за влијанието на оваа зграда врз градот?

Трансформацијата на современата архитектура на НА-МА, маркантен пример на обликување на еден урбан дел од градот, кое се состои од поништување на неговите квалитети со негово покривање со нови, лажно еклектички површини. Таа постапка ги одрекува начелата што ја карактеризираа зградата и го негира дијалогот што таа го воспостави со другите околни модерни згради, како што е Стопанската комора, изградена во 1933 година од страна на Милан Злоковиќ.

Истражувањата, публикациите, изложбите и настаните како што е Проектот Ослободување простор, кои ја елаборираат современата архитектура во Скопје, се незаменливи како сведоштво на историјата за поновата генерација и, освен тоа, ја креваат свеста за значењето на архитектонското наследство наследено од Скопје во текот на неговата обнова по разурнувачкиот земјотрес од 1963 година. Тие размислувања се основата на нашиот проект, кој се обидува преку процесот на дестратификација ’29 ’65 ’14 ’20 да ги нагласи елементите на зградата, со цел таа да ја раскажува својата сопствена историја.

Ако ја оставиме настрана архитектонската вредност на зградата, нејзината главна намена беше шопингот. Како реновирањето во рамките на Проектот Скопје 2014 ја смени нејзината функција? Што кажуваат податоците за бројот на посетители?

Проектот Скопје 2014 не се судри со квалитетите на оригиналната конфигурација на внатрешниот простор на НА-МА, која беше во еден спој со континуираната перцепција на просторот, неговата флексибилност и способност за трансформација, ниту со влијанието врз социјалната инклузија – нејзиното користење како огромен заеднички простор, ниту, пак, со квалитетите што произлегуваат од артикулацијата на нејзината волуметриска композиција. Прашањето што се јавува денес не се однесува толку многу на бројот на „корисници“, кои повеќе не се сметаат за „посетители“ зашто зградата прерасна во уште еден глобализиран трговски центар, туку на тоа како оваа трансформација претвори една архитектонска структура во зграда на масовно производство која не и припаѓа на историјата на Скопје.

Скопје 2014 постои веќе речиси една деценија и стана дел од секојдневието на жителите на Скопје. Кој би бил резултатот од ослободувањето на плоштадот? Како би можел тој да ја постигне својата првична цел и на поврзување на двата дела на градот и на тоа да биде инклузивно место?

Една од пораките што Проектот цели да ја пренесе е идејата за сфаќање на архитектурата како систем на односи. Интервенцијата на дестратификација ’29 ’65 ’14 ’20  воведува однос со главниот плоштад, кој навлегува во внатрешноста на НА-МА, создавајќи нов покриен јавен простор и, со тоа, воспоставувајќи континуитет со задниот двор.

Потенцијалот на инклузивност на Проектот може да се набљудува и преку трансформацијата на НА-МА во културен округ, со што таа се претвора од комерцијален објект во креативен инкубатор, со цел да се создаде нова мрежа меѓу постојните музеи, уметнички и културни простори, раштркани на различни делови од градот со разновидни општествени, културни или етнички заднини. НА-МА треба да биде место на привремени изложби, колекции и продукции на дигитална уметност и занаети, со трајна поставка на брутализмот во архитектурата, кој се доживува како важна одлика на идентитетот на Скопје.

Да речеме дека Проектот „Ослободување простор“ ќе се реализира. Може ли да дадете Ваш коментар за импликациите што овој Проект може да ги има врз овековечувањето спомени за идните генерации?

Како што навестува називот на Проектот, дестратификација ’29 ’65 ’14 ’20 е со намера да изнесе докази за разновидноста на различните слоеви кои претставуваат различни фази од развојот на Скопје и на НА-МА, Регулаторниот план за Скопје од 1929 година на Ј. Михајловиќ, Урбанистичкиот план на К. Танге од 1965 година, како и интервенцијата на Проектот Скопје 2014. Овој процес на декомпозиција на слоевите настојува да ја открие историјата зад нив и да ги нагласи квалитетите на она што некогаш постоело таму, од една страна, како и баналноста на новата интервенција, од друга страна.

Интервенцијата дестратификација ’29 ’65 ’14 ’20 се навраќа на оригиналниот проект како монолитна структура, вкалапена во провиден бетон. Самата еклектичка фасада се третира како црно обоена површина, за да се негира нејзината пластичност, како и видлив засек, кој алудира на раната што најновите интервенции му ја нанесоа на градот.

Може ли да ни дадете некои примери од Македонија на инклузивно и колективно овековечување на спомените?

Интервенциите во текот на обновата на Скопје по земјотресот го имаат тоа во својот генетски код, изразено преку третманот на јавниот простор. Зградата на Културниот центар, заедно со објектот на Македонската опера и балет како топографска артикулација на почвата што пенетрира во зградата, или Градскиот трговски центар на професор архитект Живко Поповски, замислени како урбани платформи кои го раслојуваат јавниот простор на различни нивоа, се само неколку примери кои, според нивната композициска артикулација, се примери кај кои јавниот простор се испреплетува со архитектурата или архитектурата станува јавен простор.

Какво е Вашето искуство од учеството во деконструкцијата или преобмислувањето на структури кои беа реновирани во рамките на Проектот Скопје 2014? Кое е влијанието на тоа врз Проектот Скопје 2014 – дали тоа го негира неговото значење?

Намерата на интервенцијата дестратификација ’29 ’65 ’14 ’20  не е да го негира или анулира постоењето на сѐ што претходно постоело. Таа го надминува пристапот табула раса, што значи дека оперира без ограничувањата на постојните услови и спроведува дел од пристапот табула плена (израз кој го користи Отеро Паилос), кој сугерира набљудување на урбаните локации како локации исполнети со постојни згради од различни временски периоди.  

РАБОТЕН ТИМ на Проектот Ослободување простор

Благоја Балковски, Марина Торнатора, Отавио Амаро, Алесандро де Лука, Лучија ла Џиуса

Благоја Балковски е докторанд на Катедрата за архитектура и територија – дАрТе при Медитеранскиот универзитет на Реџио Калабрија. Во 2014 година магистрирал со заслуги во областа Архитектонско и урбано проектирање на Политехничкиот универзитет во Милано. Од 2013 до 2016 година е асистент за настава на Политехничкиот универзитет во Милано, Пјаченца. Во моментот е член на истражувачката група во истражувачката лабораторија Пејзаж - во Тек и работи на своето докторско истражување на темата Атлас на брутализмот во архитектурата на Скопје, под менторство на Марина Торнатора.  

Марина Торнатора е истражувач по Архитектонско проектирање на Катедрата за архитектура и територија - дАрТе при Медитеранскиот универзитет на Реџио Калабрија. Таа е научник одговорен за истражувачката лабораторија Пејзаж – во Тек, член на Одборот за докторати и е одговорна за меѓународните односи и програмата за двојна диплома. Фокусот на нејзините теоретски, проектантски и едукативни активности е односот помеѓу градот, пејзажот и архитектурата. Во моментот, таа е инволвирана во експерименталниот Проект Архитектура#мојаКнига, дигитална архива која користи системи на отворени извори и ги спојува наставата и теоријата на архитектурата.

Некои од најновите истражувања што ги имаат реализирано заедно се:

_#99FILES, иновативна и мултидисциплинарна платформа која, по пат на меѓународни огласи, собира и елаборира материјали за брутализмот во архитектурата на балканскиот простор. Првото издание, во кое се елаборира градот Скопје, беше заокружено со изложба што се одржа во Музејот на современа уметност во Скопје – МСУ;

_ Ослободување простор, XVI меѓународно биенале на архитектурата во Венеција, 2018 година. Изложување на истражувачкиот и проектантскиот проект ДЕСТРАТИФИКАЦИЈА НА СКОПЈЕ ’29 ’65 ’sk14 ‘2020 во врска со тековната трансформација на архитектонското современо наследство во Република Северна Македонија.

__________________________

ФОТО КРЕДИТИ: оригиналната зграда од пред „Новиот Барок” со своите чисти линии и и модернистички карактеристики, Македонска АРХитектура.

FILTER

READ THIS ALSO