Интервју со Бојана Стојменовска, директорка на саемот

In Situ е прв меѓународен уметнички фестивал кој се одржува во Скопје на кој автори од Македонија и целиот свет ги покажуваат своите дела изработени во три програмски единици - визуелни уметности, дизајн и архитектура.

Директорката на фестивалот, Бојана Стојменовска вели дека фестивалот нуди можност поединци да се соочат со минатото употребувајќи го просторот, публиката и контекстот кој што го нуди саемот за да стигнат до третирање, комуницирање и интеракција на оваа тема.  Според неа, секое површно третирање на проблематика на соочување со минатото, има тенденција да повлече повеќе проблеми отколку да реши.

Оваа година саемот се одржува од 13 до 15 септември во МКЦ на кој се очекува да бидат изложени дела на над 100 автори.

Како ја добивте идејата да организирате ваков фестивал? Кој беше поттикот и како се развива низ годините?

Кога се нафатив да го организирам овој фестивал, сфатив дека една одлика за Скопје е дека има тенденција да ги разложува работите наместо да ги спојува. Има многу содржина но некогаш таа содржина не може некој да ја пофати на едно место туку мора да ја лови и тоа стануваше се поизразено. Сфатив дека има потенцијал да се направи нешто и баш тогаш започнавме со доброто искуство на Paratissima во Торино да се реплицира овде за успешен пример како би можело да се направи една хомогена сцена која што таа сама по себе после ќе расте природно. Постоеше голема скепса од страна на сите кои што беа поканети да соработуваат. Ми викаа дека тоа е бесцелно, дека не може да се изведе. Понекогаш си велев се нафаќам на нешто што е комплетна лудост, а од друга страна ме фаќаше некој инает и пркос затоа што го доживеав како провокација. Кај нас тенденција е цело време да се критикува, но никој не се нафаќа да промени нешто. Преовладува мислењето дека ништо не може да се направи, како ние да живееме на некое место кое што е исечено од светот, а всушност има многу луѓе кои што имаат искрена намера и интерес да допринесат нешто да испадне поинаку. На почетокот беше третиран како алтернативен настан на кој што се собираат луѓе поврзани со уметноста и се неразбрани од општеството, но се развива во настан кај што може да се сретне нешто ново, нови таленти и поединци – додава Стојменовска.

Зошто мултикултурните фестивали имаат потешкотии да привлечат артисти од Балканот?

Мислам дека имаме општо потценување, секој спрема секој на Балканот и преовладува мислењето дека се што доаѓа од Западот или надвор од Балканот е подобро од тоа што може да се постигне на Балканот дека тука не може да се направи нешто што може да парира на некоја друга сцена. Факт е дека ресурсите ни се лимитирани и со многу работи се доцни од причини кои не се врзани од тоа дали може да се соработува или не. Имам впечаток дека се избегнуваме, дека сакаме да отидеме некаде понатака мислејќи дека некој друг подобро и повеќе знае него ние што би можеле да знаеме или да направиме. Од моето искуство, искрено не можам да кажам дека има разлика во квалитетот и во сериозноста и професионалноста помеѓу македонските, балканските и сите други автори и сцени. Има поинаков тип на изразување или поинаков медиум на изразување или малку поинаква формулација. Во одредени делови е можеби похрабро или поинаку изработено поради тоа што има различни услови, но во никој случај не сме помалку способни или назад во она што имаме да го кажеме. На Балканот ги имаме речиси истите проблеми, кои што многу малку се разликуваат од земја до земја, и кога би имало сојузништво во тој поглед мислам дека многу побрзо балканската сцена би дошла на површина. Но секој си го доживува својот проблем како најголем, мислат дека никој друг не може да му разбере – вели таа.

Како уметноста влијае на соочување со минатото?

Кај нас на Балканот мислам дека тоа е повеќе изразено затоа што поради распадот на Југославија и разделување на земјите, сите имаме колективно и заедничко минато кое можеби сега кај овие генерации не е толку изразено но е сепак е предадено од колено на колено, особено сеќавањето како некогаш било и како е сега. Мислам дека ваков тип на настани помагаат баш во тоа соочување дека тие работи кои што навидум се различности, кои кога ќе се соединат во еден простор и кога ќе се сретнат на едно место не се така различни, туку можеби се повеќе предности. Претпоставувам дека соочувањето со минатото за секоја држава од Западен Балкан е поинакво, природно бидејќи се поинакви околностите. Меѓутоа мислам дека многу лесно се надминуваат тие стереотипи и недоразбирања кога ќе се сретнат на вакви настани затоа што атмосферата е неформална, поврзана со нешто што само по себе е естетско и излегува од контекстот на секојдневни политички случувања и покрај тоа што голем дел од авторите кои што творат природно ги пренесуваат тие толкувања кои што се и политички и национални и родови. Генерално се занимаваат со истите егзистенцијални прашања, со истите размислувања, со истиот глобален контекст. На фестивалот се дружат меѓу себе, нема јазични бариери, никогаш не се случил некаков проблем – потенцира Стојменовска.

Зошто уметничката сцена во Македонија не нуди соочување со минатото?

Мислам дека нуди, но мислам дека нуди на некој поинаков начин. Мојот став е дека не треба површно да се третира односно дека зафаќањето со таа проблематика и третирањето нејзино во рамки на култура и уметност треба да биде нешто кое што е поткрепено со истражување, со соочување кое што треба да е повеќегодишно за на крај кога ќе дојде резултатот тој да биде јасен. Секое површно третирање на таа проблематика на соочување со минатото, има тенденција да повлече повеќе проблеми отколку да реши. Причината поради која што делува дека не се занимава културно уметничкиот сектор со оваа тема е заради тоа што е процес на истражување и почнува од самоистражување односно самосоочување потоа спрема некој друг па потоа од колектив спрема друг колектив. Темата е комплексна за да може да биде честа. Не велам дека не треба да се зачести но сметам дека треба да биде третирана со особено внимание заради тоа што сигурна сум дека личната перспектива не треба да биде наметлива тука треба да биде повеќе отворена отколку затворена. Соочувањето со минатото треба да биде на линија со соочувањето со иднината. Треба да биде нешто што е поткрепено со суштинско размислување не само нешто што ќе се каже или ќе се изложи или ќе се престави што е површно и што ќе направи поголема збунка од тоа што ќе понуди некое соочување – напомнува таа.

Како овој фестивал ќе ја промени оваа ситуација?

Мислам дека ја променува затоа што не прави процес на селекција на автори кои што ќе се претстават. Без разлика на пол, возраст, формат, тема на изразување, земја на потекло. Нуди можност поединци да се соочат употребувајќи го просторот кој што го нуди саемот и контекстот и публиката да стигнат до третирање, комуницирање и интеракција на овие теми. Апсолутната отвореност која што е демократска одлика на саемот го нуди правиот простор да може тоа некој самоиницијативно да ги елаборира тие прашања кои што се суштински за сите. Третирањето на минатото е нешто кое што сметам дека треба да биде лична иницијатива. Вклучуваме голем број на волонтери, минатата година имаше 70 волонтери кои што се задолжени да помогнат да се снајдат сите што доаѓаат од страна и од тоа произлегуваат многу пријателства – заклучува Стојменовска.

Како ја оценувате културно уметничката сцена во Македонија?

Сметам дека општо во Македонија не е доволно развиена од аспект на тоа дека е централизирана во голем дел во Скопје. Има мал број на настани надвор од Скопје и сметам дека тие што ги има надвор од Скопје се успешни и тоа докажува само дека треба повеќе да се организираат. Има мала комуникација помеѓу организациите што се бават со култура и уметност и има некој отпор, дали е тоа поради конкуренција или поради непознавање, меѓутоа сметам дека во последните 4-5 години има исклучителен напредок во однос на пред се квантитет а потоа квалитет. Во однос на квалитетот сметам дека имаме се уште многу простор за пополнување. Тоа не значи дека она сега се пласира нема квалитет, напротив, има, меѓутоа поради ресурси, поради изолираност која во дел сами си ја наметнуваме, во дел ни е наметната, има помалку експериментирање и помалку иновации од тоа што јас лично би сакала да видам. Имам впечаток дека на периоди е релативно еднолична содржината, иако сепак тоа не го намалува квалитетот на она што е претставено. Мене ми недостасуваат експериментални преставување особено со оглед на тоа колку е развиена технологијата не сметам дека не се толку недостижни или проблематични за развивање. Мислам дека луѓето се премногу окупирани со политичките случувања и тоа им одзема од креативноста. Уметноста била секогаш медиум кој што најмногу прогресира во време на најголеми и најтешки неволји, а најмалку во добросостојба – смета Стојменовска. 

FILTER

READ THIS ALSO