ИМАГИНАЦИЈАТА КАКО ВИСТИНА

Foto: Vladimir Miladović

Процесот на градење на национален идентитет во Србија по распадот на Југославија не беше лишен од сите непријатни факти и од сето она што општеството, заедниците и индивидуите сметаат дека е тешко да се прифати. Но, уметноста го прифати тој непријатен простор неоптоварен од официјалните наративи, полн со општествено непроцесирани и трауматични настани од неодамнешното минато. Парадоксално, кога фактите ќе го изгубат својот мерит, имагинацијата е таа што нè инспирира и е таа што има моќ да посегне по вистината.

Додека политичката амнезија се обидува да го затскрие откривањето на масовните гробници во Батајница, каде што беа најдени тела на Албанци кои беа убиени во Косово, двајца автори од Белград, Огнен Главоњиќ и Владимир Миладиновиќ, успешно ги вметнаа непокорните зборови на одбегнување, непризнавање и незнаење во нивните уметнички интервенции.

Дали се соочуваме со одговорноста за криминалите кои беа извршени и зошто го правиме тоа? Тоа се клучните прашања кои ги покренува сценаристот и режисер, Огнен Главоњиќ, во неговиот нов филм „Товар“. Во овој филм, Главоњиќ го опишува патот на возач на камион – ладилник, кој не е свесен дека транспортира мртви тела на убиени личности од една локација до друга, а во исто време се прашува дали сака да знае што транспортира. Филмот беше прикажан на овогодинешниот Кански филмски фестивал, иако сè уште филмот не ѝ е прикажан на домашната публика.

За време на долгиот процес на креација на овој проект, Главоњиќ сними документарец наречен „Двојна длабочина“ на истата тема, но од друга перспектива.

„Двојна длабочина“ беше тајното име на тајната операција за трансфер на телата на убиени цивили од селото Сува Река (Suharekë) во Косово до масовните гробници во Батајница, Србија.

Во филмот се прикажани досега непознати сведочења од судски архиви и фотографии од местата каде што овие злодела биле извршени. Главниот лик од филмот е всушност нараторот, којшто ја води публиката во персонален простор на имагинација, креација и искуства од самиот настан.

Овие филмови, како што објаснува авторот, се просторот и можноста да се зборува за луѓето, настаните и местата што тој ги смета дека се изолирани, скриени, замолчени или заборавени. Комбинацијата на неукост и недостаток на интерес за околностите од приказната имаше влијание врз тоа колку прашања беа составени и прашани, што, како што вели тој, го натера да ги продуцира двата филма. Првиот беше планиран игран филм, а потоа неочекувано, се сними и вториот документарен филм.

 

Визуелниот уметник Владимир Миладиновиќ исто така се обиде да создаде место за имагинација на „проблематичното“ минато во неговите минати дела. Преку долг и мачен процес на реплицирање и верно копирање од судењата, бирократските записи, докази и листа на предмети што беа најдени и искористени за да се идентификуваат телата од масовните гробници во Батајница, тој ги создаде неговите цртежи.

Неговата серија на дела, наречена „Пореметена почва“ се сосотои од релјефи создадени од интерпретирани форензички фотографии и слично на филмовите на Главоњиќ, се обидува да нè инспирира да размислиме што, всушност, се случило таму.

Како што објаснува Миладиновиќ, со трансферирањето на архивскиот материјал во уметност, тој го потенцира значењето на потиснатите или елиминираните наративи од минатото во процесот на основање на врска со сегашноста. Освен прашањата во врска со историската одговорност, уметникот исто така ја истражува врската помеѓу текстот и сликата, па така добиваме сведочење и имагинација. До кој степен може да сведочиме за трауматичното минато без да го замислиме? Дали фотографијата е доволен доказ за нас за да веруваме?

Поради тоа, Миловановиќ ја користи својата уметност за да ги постави прашањата во врска со доказите кои ги имаме, што тие ни кажуваат и колкава моќ имаат тие. Преку уметничката интервенција, тој повторно го разгледува тоа што ние како општество можеме да направиме со наследството од претходната војна.

И додека официјалната историја го создава тоа што е прифатливо, уметноста ни нуди алтернативен простор за интерпретација на минатото, со повторно зајакнување на вистината која беше предадена од општеството.

Милена Поповиќ

Милена е новинар од Белград и се справува со широк спектар на општествени теми. Нејзината новинарска работа најмногу се фокусура на прашања од минатото. Освен тоа што пишува медиумски статии, таа е коавтор на документарецот „Албанките се наши сестри“.

FILTER

READ THIS ALSO