Кампања за помирување од крвната одмазда 1990 – 1991: Орална историја и сеќавање

Ермира Красниќи, Oral History Kosovo

Фото кредити: Изложбата „Кампања за помирување од крвната одмазда 1990 - 1992“ , која беше одржана од 25 април до 21 мај, 2018, во Пеја, местото на раѓање на идејата за кампањата.

Кампања за помирување од крвната одмазда:

Оваа кампања започна во 1990 година како повик за единство помеѓу Албанците на Косово.  Откако Милошевиќ  се здоби со моќ, Уставот од 1974 беше укинат,  Косово беше особено ранливо  бидејќи сè уште се сметаше за југословенски простор. Кампањата имаше прогресивна улога, повикувајќи на единство и прошка и повикувајќи ги луѓето политички да се репозицираат. Оваа кампања покажа како традиционалниот албански код на честа беше злоупотребен за да се прикажат Албанците како помалку цивилизирани луѓе во Југославија.

Целта беше насочена кон сите образовани луѓе за да започнат да допираат до своите заедници и да ги охрабрат фамилиите да ја помират својата крвна одмазда, со посебен акцент на вклучување на студентки во процесот на медијација. Процесот на медијација обично започнуваше во „одите“ (машките комори) каде што до скоро жените беа исклучени. Кампањата им дозволи на жените пристап до овие простори кои беа доминирани од мажите и пристап кон овој домен на моќ. На многу начини, кампањата ги делегитимизираше  властите кои го поддржуваа кодот на честа и им овозможи на луѓето да го преразмислат своето сфаќање на кодот во нивните заедници.

Албанците кои живеат во дијаспората го преземаа со нив кодот на честа и никогаш не ги помирија крвните одмазди, сè додека делегација на помирувачи од Косово, кои беа предводени од Антон Цета, не беа поканети до Соединетите Американски Држави со цел да влијаат да се помират  албанските фамилии, особено во Њујорк и во Детроит.

Ова помирување резултираше со илјадници помирувања и со ослободувањето од обврските на фамилиите определени од кодот на честа: да се одмаздат крвно. Овој акт на прошка овозможи зголемена безбедност во јавниот простор во помалите заедници во Косово, особено ако се земе предвид дека овие простори недостасуваа за време на режимот на Милошевиќ. Влијанието на кампањата беше толку широко распространето што дури и луѓето во дијаспората ги следеа случувањата и ги помирија крвните одмазда таму.

Како можеме денес да ја земеме кампањата како пример?

Кампањата за помирување од крвната одмазда е една исклучителна приказна од која што можеме да извлечеме многу важни лекции, вклучувајќи ги и прошката, честа и солидарноста. Оваа приказна ги отелотворува вредностите и културните процеси кои и самите поставуваат безвременски прашања. Не мора да значи дека овие прашања го бараат нашето внимание денес, но може да се осврнеме на нив, особено кога ќе размислиме што претставува нашето чувство за човечност и кои основни вредности ја држат нашата заедница заедно.

Интеррелигиозниот елемент е повторно причина за сериозна загриженост во нашиот регион, а со таа загриженост треба да се справуваме внимателно.  Кампањата за помирување од крвната одмазда се потпира на националното будење од 19 век под парадигмата „Албанската вера е во албанизмот“ и токму тоа се обидува да го презентира за време на деведесеттите -  единство, пред сè ставајќи акцент на албанскиот јазик како хомогена компонента на нацијата. Поттикнува да се најде решение што е едноставно, но истовременo и тешко да се постигне,  каде што повеќе се цени вредноста на она што нè поврзува, но не и на она што не дели. Ова решение е содржинско – специфично и поради тоа е успешно, но не гледам како тоа може да се премести во други културни контексти. Тоа е така поради тоа што балканските држави имаат хомогенизирани идентитети поврзани со нивната религија, а не со нивниот јазик и честопати религијата е основа за исклучување во контекст каде што религијата има примат врз културата.

Организирање на проектот

Активистите и членовите на фамилиите што простија беа во центарот на наративот на изложбата. За време на организацијата на проектот беше особено важно да се избегне славењето на одредени човечки фигури и комеморативната димензија, што е чест пристап при организирањето на изложба. Овие одлуки не треба да се сфатат како  непочитување на главните протагонисти на кампањата туку како начин на хуманизирање на приказната, отворајќи пат за вклучување на други приказни, суб – сценарија и други актери. Се обидов да создадам повеќе простор за занемарени протагонисти. На пример, жените беа клучни за движењето и, и  покрај тоа што заземаат стотици фотографии од кампањата за помирување, некако никој не се сеќавања на нивните имиња и речиси и да нема приказна со нив.

Да се оддалечиме од комеморативната димензија на изложбата беше решение што има врска со тоа како јас ја разбирам современата историја, како се сеќаваме на неа и како комуницираме со неа и ги храниме нашите погледи на светот. Не ги доживувам како статични, па така е невозможно да се овековечи еден наратив и да се создаде сеќавање и искуство од една субјективна позиција. Нестабилната и флуидна природа на сеќавањето беше одбележана во наративот на изложбата и кураторските решенија кои ги создадов.​

Градење на заедница со сеќавања

Многу беше важно да се изгради оваа заедница. Сметам дека го постигнавме тоа. Изложбата беше секој ден посетувана од луѓе кои беа дел од кампањата, но кои како дел од иницијативата за орална историја,  се мал тим и досега немаа шанса да се запознаат. Самата изложба стана место за средба каде што можеа да го разлистуваат фото-каталогот што се состоеше од фотографии од луѓе кои ги интервјуиравме. Овие средби донесоа нови приказни и места за помирување.

Интервјуата за орална историја

Методологијата за интерјвуирање за оралната историја е интерпредметен процес каде што интервјуирачот и говорникот се во процес на копродукција. Раскажувањето на приказни е голем дел од интервјуирачкиот процес. Како интервјуер сум подложна на приказни и слики, а овие лични средби стануваат начин на продуцирање на знаење за нашата заедница. Секако, како истражувач и куратор, секогаш размислувате како да создадете наратив во просторот кој ќе им овозможи на останатите да ги искористат тие простори. Кога се дизајнира просторот за изложба,  кој е врз основа на истражување, главната грижа е да не ја преоптоварите публиката со премногу информации, но во исто време и да имате доволно информации за да ја одржите љубопитноста на посетителот.

Уметноста и минатото

Во неколку прилики користев кураторски стратегии кои традиционално се чести во уметничкиот свет, но се необични за изложба која е базирана на историски настани. Тука, уметноста позајмува простор за пренесување на сублимирани информации и кажува повеќе со помалку. Исто така, уметничките стратегии си дозволуваат одреден степен на несигурност , бидејќи го ценат процесот на продукција и во неколку наврати со прекривање на тешките прашања, маскирајќи ги како стратегии кои доаѓаат од уметничкиот свет,  одеднаш некои прашања се хуманизирани и свесни за своите недостатоци. Прифаќањето во изложбата е нешто што е многу важно бидејќи ја прави изложбата изведувачки простор каде публиката ќе може да произведе знаење.

Уметноста и културата како алатка за комуникација со минатото?

Во овој регион, прашањата кои се однесуваат на минатото се секогаш тешки. Ги употребувам кураторските стратегии за да создадам содржина на начин  кој што ги остава прашањата отворени за дискусија и остава простор за повеќе од еден наратив. Тоа овозможува културата и тоа што го извлекуваме од неа да ни помогнат да го разбереме контекстот во кој што работиме. Сигурно го стимулира моето чувство за одговорност кон наративот кој го создавам со изложбата.

Мојот кураторски пристап е доста интердисциплинарен, па така не можам да ги видам тие поделби по дисциплини. Дозволувам да ме води истражувањето кога организирам изложба. Се обидувам да ги адресирам потребите на содржината на која што работам и истражената содржина го диктира начинот на кој нешто ќе биде прикажано. Но, да изнајдете начин преку кој прикажаниот материјал ќе му служи на истражувањето и ќе ги потенцира важните делови е многу значајно бидејќи оваа димензија е визуелно и интимно поврзана со содржината. Како е прикажана содржината, таква ќе биде и врската помеѓу јавноста и самото истражување.

Реакции за изложбата

Секоја музејска изложба се обидува да има опција за „селфи“, каде посетителите ќе може да фотографираат и да ги постават фотографиите на интернет. Изложбата има централен ѕид, каде има голема фотографија од помирувачкиот настан во Наберѓан, село во општина Пеја. Фотографијата покажува голема толпа на луѓе кои гледаат во правецот на оние кои се помируваат (наводно) бидејќи не може да видиме каде гледаат, но може да ја прочитаме ситуацијата гледајќи во лицата на луѓето. Ја избрав таа фотографија, затоа што претставува  момент на блискот и желба да се биде дел од тоа. Посетителите, кои се во поголем дел од Пеја, препознаа луѓе на фотографиите, што беше уште еден интерактивен елемент на фотографијата, кој не го предвидов. Поголемиот дел од времето централниот ѕид беше користен како позадина. На посетителите им се допадна тоа што можеа да се вметнат во фотографијата од помирувачкото собирање. 

FILTER

READ THIS ALSO