Сараево се сеќава на српските жртви на војната

Група граѓани се собраа во Сараево во чест на српските цивили убиени за време на опсадата на градот, во деведесеттите години, при што поставија импровизирана спомен плоча во чест на жртвите.

Автор:Денис Џидиќ

БИРН

Околу 30 луѓе се собраа во понеделник во паркот Ат Мејдан во Сараево, во знак на сеќавање на граѓаните од српска националност, кои за време на војната биле убиени од страна на Армијата на Босна и Херцеговина, АБиХ, на локалитетот Казани, над Сараево.

Комеморација беше во организација на иницијативата „Бидејќи ме засега“, чии членови во паркот поставија импровизирана спомен плоча посветена на убиените, на која пишува: „На цивилните жртви на воените злосторства во Сараево извршени од припадниците на 10-тата ридска бригада на АБиХ“.

Во говорот на комеморацијата, Алдијана Окериќ од „Иницијатива на младите за човекови права“, рече дека дошло време „политизацијата на злосторствата на Казани да запре“.

„Сараево доживеа ужасни злосторства од силите што го држеа градот под опсада, но ние никогаш не смееме да ги заборавиме жртвите во градот. За ова злосторство многу малку се зборува. Ние, граѓаните на Сараево, имаме одговорност да им го вратиме достоинството на жртвите. Денес им оддаваме почит“, рече Окериќ.

Таа ги повика властите да изградат траен споменик за жртвите во Казани и да формираат независна комисија за утврдување на вистината за убиствата на Србите и Хрватите во Казани, што ги извршила АБиХ.

Аднан Хасанбеговиќ, поранешен припадник на 10 ридска бригада на АБиХ, за БИРН изјави дека учествува во комеморацијата, поради игнорирањето на злосторствата во Казани.

„Ова е незавршена приказна. Судовите не го завршиле гонењето за ова злосторство, кое често е негирано. Затоа ни треба вистината и споменик во центарот на градот. Како член на оваа бригада, би сакал да упатам сочувство за сите жртви“, рече Хасанбеговиќ.

Во текот на три ексхумации во Казани, пронајдени се останки на 23 лица, од кои 15 се идентификувани.

Од Институтот за исчезнати лица на БиХ, за БИРН изјавија дека останките им припаѓаат на пет жени и десет мажи, на возраст од 27-66 години.

Две жртви биле Украинци, брачниот пар Ана и Васиљ Лавров, две жртви Хрвати, една од бошњачка националност и десет од српска.

Се верува дека жртвите биле убиени во Казани од припадници на АБиХ предводени од озлогласениот командант Мушан Топаловиќ Цацо, кој бил убиен во октомври 1993 година и погребан во тајна гробница. Тој подоцна е ексхумиран и погребан како херој во Сараево.

Четворица поранешни војници, Зијо Кубат, Есад Туцаковиќ, Рефик Чолак и Мевлудин Селак, беа осудени на шест години затвор за убиствата во Казани.

Осум од нив се осудени на десет месеци затвор за непријавување на злосторствата и на сторителите. За воени злосторства во Казани, повеќе од десет години, му се суди и на поранешниот припадник на босанската армија, Самир Бејтиќ.

 

FILTER

READ THIS ALSO