Шанса за развивање на критичко мислење

Образовните институции станаа места на нетолеранција во Босна и Херцеговина. Затоа многу се потребни иницијативи како што е проектот "Образование за мир", пишува Александра Летиќ-програмски менаџер на Хелсиншкиот комитет за човекови права

Иако војната во Босна и Херцеговина заврши пред 22 години, последиците сè уште се многу видливи во сите сегменти на општеството. Болните воени искуства, политички кризи и сиромаштијата резултираа со шовинизам, етнички непријателства, ксенофобија, нетолеранција и дискриминација кои станаа доминантен модел на однесување и размислување. Локалните заедници, како основни клетки на социјалната интеракција, се уште се разделени. Додека земјата постигна одреден напредок во однос на реформите кон демократизација на општеството, Босна и Херцеговина и понатаму е длабоко поделена по етнички и политички линии, што пак, го отвора патот за понатамошна радикализација, па дури и екстремизам.

Овие поделби имаат директни импликации за секојдневниот живот на граѓаните, особено за развојот на личностите и ставовите на помладите генерации, кои не можат да се сетат на периодите на мирен соживот, туку се сеќаваат само на периоди на напнатост, конфликт и поделба. Растејќи се во моноетничките заедници, каде што се прославува се што е поврзано со доминантната етничка група, а постоењето на "други" е минимизирано или целосно игнорирано, младите луѓе не можат да се надеваат на иднина со мирен соживот. Наместо тоа, тоа претставува цврста основа за нетолерантен, затворен, претпазлив, дури и насилен однос врз основа на предрасуди и стереотипи кон оние кои не припаѓаат на "нивната" група.

Во исто време, процесите на справување со минатото - кои ги препознаваат утврдените факти за злосторствата, ги разбираат конфликтните обрасци, ги демистифицираат битките и воените херои, деконструираат наративи на минатото и моменталните генератори на конфликти - се исклучиво присутни само во областа на активности на граѓанското општество. Малку национални и меѓународни невладини организации се обидуваат да го зајакнат градењето на капацитетите во образовниот систем на Босна и Херцеговина за да му овозможат да ја одржи сложеноста на процесот на соочување со насилното минато и оддалечување од тоа минато. Сепак, ваквите обиди најчесто се изолирани, краткорочни и без значајна институционална поддршка.

Наместо да ги поддржат ваквите пристапи, образовните институции, кои се најодговорни за "всадување" вештини потребни за градење и зачувување на мирот кај младите генерации, станаа нови места на поделби, нетолеранција, етноцентризам и недоверба. Материјалите за настава опфатени во средните училишта најчесто се фокусирани на историјата и културата на доминантната етничка и верска заедница, без критичко оценување или предизвикување на настани или актери од сопствената етничка и религиозна група. Институционалните пристапи кон проучувањето на неодамнешното насилно минато, речиси не постојат.

Училиштата не само што следат политички агенди и матрици во Босна и Херцеговина, туку и самите се ставаат во позиција во која тие се средство за манипулирање со фактите и со историјата. Тие станаа места каде што нечовечките дела се заштитени и оправдани, а со тоа не може да се направи постконфликтно општествено заживување. Задачата на објективно справување со минатото, со цел да се создаде подобра заедничка иднина и да се поттикне интеркултурно разбирање, бара критички ум, кој истражува, како и поставува чувствителни, но клучни прашања . Таквиот дух ќе треба да се создаде во училиштата, но е нешто што денес ретко се наоѓа во образовните институции во Босна и Херцеговина.

Значи, фактот што  општеството и политиката ги игнорираат активностите фокусирани на справување со минатото и градењето на мирот има директно влијание врз начинот на кој образовниот систем се занимава со такви теми. Како резултат на тоа, младите луѓе се повеќе се склони кон репродукција на омраза, нетолеранција, меѓуетнички и меѓурелигиски страв, сегрегација, па дури и поддршка на генератори на конфликти на локално и на национално ниво. Игнорирањето на потребата да се отворат чувствителни и болни теми од неодамнешното минато за дискусија, особено меѓу младите и особено како дел од формалното образование, ја затвора вратата за можностите за постигнување на позитивни општествени промени на долг рок, нешто што е повеќе од потребно, ако сакаме да напредуваме.

Проектот "Образование за мир", имплементиран од Хелсиншкиот комитет за човекови права во изминатите години, има за цел да ја обнови образовната функција на училиштата преку соработка со наставниците. Тоа придонесува  градење на капацитет во однос на справувањето со минатото и се обидува да  овозможи да се иницираат критички дијалози за минатото меѓу младите. Длабоко сме убедени дека искрените учители ја разбираат важноста на таков дијалог, но и нивната сопствена улога во таквиот дијалог.

Промените треба да се случат на институционално, лично и структурно ниво. Ние веруваме дека наставниците кои имаат стекнато вештини поврзани со градење на мирот, меѓукултурна соработка и помирување, имаат способност да создаваат иновативни предавања. Тие можат да станат застапници на позитивни промени и да ги учат учениците за клучните вредности за мирен соживот во Босна и Херцеговина врз основа на нивниот сопствен пример. Ние веруваме дека младите луѓе кои имаат прилика непристрасно да се запознаат со минатото, да ги разберат и да ги конципираат фактите за моделите и политиките на злосторствата што се извршени, имаат шанса да развијат критичко размислување. Ова не ги загрозува нивните идентитети, туку води кон дијалог, соработка, почит и разбирање. Ние веруваме дека училиштата кои ги применуваат методите за градење мир, помирувањето и меѓукултурното разбирање ќе станат подобри места за учење и дружење. Со текот на времето тие ќе станат она што требаше да бидат од почеток, имено образовните институции кои ги едуцираат младите генерации за да ги направат свесни и способни поединци. Овие лица ќе ја обликуваат нашата земја во иднина и ќе го направат пријатно место за живеење за сите нејзини граѓани.

 

 

Александра Летиќ е програмски менаџер на Хелсиншкиот комитет за човекови права. Работи на процесите на справување со минатото во Босна и Херцеговина и земјите од поранешна Југославија повеќе од десет години и беше член на експертската работна група на Советот на министри на Босна и Херцеговина задолжена за развојот на Стратегија за транзициска правда на Босна и Херцеговина. Редовно се ангажира во програми за младинско образование кои ги поврзуваат формалните и неформалните образовни процеси.

FILTER

READ THIS ALSO