Косовските Срби се чувствуваат исплашено, несигурнo и злоупотребено

http://www.balkaninsight.com

Србите од Косово велат дека поради неодамнешниот спор меѓу Белград и Приштина, околу „пропагандниот воз“, се загрижени за нивната безбедност и оти се плашат дека властите ги користат како политички пиони.

Наталија Жаба, Дие Морина БИРН Белград, Митровица 

 

„Се чувствуваме напуштени, ниту Србија, ниту Косово се грижат за нас, а камоли меѓународните фактори. Едноставно кажано, ние сме разочарани, лути и исплашени“, вели за БИРН, Живорад Лазиќ, 57-годишен професор во економското училиште во село Лапље во близина на Грачаница, централно Косово.

Лазиќ не е единствениот кој е загрижен. Косовските Срби велат дека по неодамнешното заострување на тензиите помеѓу Белград и Приштина, се плашат за својата безбедност и иднина.

Сметаат дека се исклучени од донесувањето одлуки за главните прашања кои влијаат на нивните животи и дека во бескрајните игри за моќ меѓу Белград и Приштина, властите ги користат како пиони.

До најновите спор дојде кога патнички воз обоен со боите на српското знаме, на кој на 21 јазик, меѓу кои и албанскиот, беше залепен слоганот „Косово е Србија“, тргна од Белград кон Митровица.

Косовските власти изјавија дека се работи за провокација и побараа од ЕУ да го убеди Белград да го запре возот.

Неколку часа подоцна, српските власти го сопреа возот во Рашка, во близина на границата со Косово, а српскиот премиер, Александар Вучиќ, на драматичен начин ја обвини владата во Приштина дека се обидела да ја минира железничката пруга и дека испратила специјалци, да го нападнат возот.

Приштина негираше дека имала намера да го нападне возот, но овие случувања ги вознемирија Србите во Косово.

Гордана Ѓориќ, 58-годишна бизнисменка од селото Лапље, кај Грачаница, која го води женското деловно здружение „Авенија“, вели дека е шокирана од одлуката на Белград, возот да се декорира на таков начин.

„Не можев да верувам дека некој можел да дојде до таква идеја. Ако сакале да воспостават нова линија од Митровица до Белград, требале да набават фин воз, со топли вагони и со интернет, за младите луѓе и студентите да имаат корист од тоа“, вели Ѓориќ за БИРН.

„Но, сите овие пораки дека ’Косово е Србија’ и барањето возот да дојде во Косово без никакви проблеми, не знам каква личност можела да дојде до таква идеја“, вели таа.

Иако многумина се согласуваат дека е потребен воз кој ќе ги поврзува Белград и Митровица, тие, исто така, веруваат дека српските власти згрешиле кога возот го искористиле во пропагандни цели.

„Тој воз, таков каков што е, не му е потребен никому во Косово“, вели Сања Соврлиќ, новинарка на ТВ Мир, со седиште во Митровица.

Еден ден по инцидентот, српскиот претседател, Томислав Николиќ, вознемири многумина и во Србија и во Косово, кога по состанокот на Советот за национална безбедност, изјави дека Белград е подготвен да испрати војници во Косово „доколку бидат убиени Срби“.

Косовскиот премиер, Иса Мустафа, пак, изјави дека на косовските Срби не им треба заштитата на Белград.

„Косовските Срби се рамноправни граѓани на нашата република. Ним не им треба заштитата на Белград ... бидејќи тие, на никаков начин не се во опасност, ниту пак ќе бидат“, рече Мустафа.

Лазиќ истакнува дека секаде во светот, возовите и автобусите се користат за поврзување на луѓето, но оти тоа не важи и за Србите во Косово.

„Тука ништо не е нормално, се е политички театар, кој подеднакво го создаваат двете влади, и во Србија, и во Косово, и сè е направено со цел да се стекнат политичка поени на двете страни, а ние, Србите што живееме на Косово, сме жртви на сето тоа. Живееме во отворен затвор“, вели тој.

Страв и несигурност

Косовските власти изјавија дека возот е провокација. Фото: Бета

„Таа вечер планирав да патувам за Белград, за да ја видам својата внука, планот ми беше да ја донесам тука неколку дена, но откако слушав вести, се откажав од своите планови“, вели Ѓориќ, потсетувајќи се на денот на контроверзното патување на возот.

„Се плашев дека најлошото допрва ќе дојде и не сакав да го напуштам своето место, бев загрижена што ќе се случи со моето семејство, со соседите, со сè. Доколку нешто се случеше, ќе се чувствував многу лошо што не бев дома“, додава таа.

Ѓориќ вели дека не гледа причина за иницирање на тензии со Приштина.

„Овие тензии предизвикуваат само страв и чувство на несигурност. Не знаеме што да очекуваме. Знаеме дека нема да бидеме заштитени. Тоа ни е јасно“, нагласува таа.

Лазиќ вели дека косовските Срби се во постојан страв за својата иднина.

„Не знаеме што ни носи утрешниот ден“, вели тој. „Знаеме дека никој нема да се заземе за нас и дека не постојат политички претставници на кои им веруваме“.

Меѓутоа, таквите чувства на несигурност не се ништо ново, вели Ѓориќ.

„Ова е нашето природно опкружување, ние сме родени овде, тука сме го поминале целиот свој живот, нам не ни е проблем тука да живееме, проблемот е што не знаеме што се случува околу нас, што значат овие (владини) политики и што ќе ни донесат тие. Зборувам за политиките по војната, но и предходно“, објаснува таа.

„Постојано живееме во страв од она што тие (политиките) ќе ни го донесат утре“, додава таа.

Веста дека Косово ја распореди Регионалната единица за оперативна поддршка (РОСУ), специјални единици на косовската полиција, како одговор на инцидентот со возот, внесе дополнителен немир меѓу Србите.

„Кога Србите слушнаа за РОСУ, не се чувствуваа пријатно. Тоа создаде тензии и стравови. Знаеме дека овие единици се подготвени за сè. РОСУ, за нас, симболизира лоши работи, луѓето беа исплашени“, вели 34-годишниот Дејан Недељковиќ, активист на невладината организација „Зелено срце“.

Бранислав Нешовиќ од Лепосавиќ, активист на невладината организација „Нова општествена иницијатива“ и докторант на Централноевропскиот универзитет, вели дека стравот станал постојан, од две причини.

„Немањето на безбедност во економска смисла, е нешто што создава огромна анксиозност меѓу косовските Срби, како и интеграцијата во косовските институции“, вели Нешовиќ за БИРН.

„Тие, исто така, стравуваат и заради нивните идни односи со Белград, како и заради ставот на Белград кон косовските Срби, бидејќи косовските Срби зависат од Белград - без Белград нема да можат да преживеат, особено финансиски, и ова им претставува голема грижа“, додава тој.

Косово прогласи независност во 2008 година, но Белград одбива да го признае неговиот суверенитет.

По војната во Косово во 1999 година, северниот дел на Косово, во кој доминира српското население, остана надвор од контролата на власта во Приштина и Белград ги финансираше локалните безбедносни, судски, здравствени и образовни институции.

Иако некои Срби кои живеат во јужните делови на земјата, почна да соработуваат со властите во Приштина веднаш по прогласувањето на независноста на Косово, северниот дел беше ставен под делумна контрола на Приштина дури во април 2013 година, кога Косово и Србија го потпишаа т.н. Бриселски договор - договор за нормализирање на односите меѓу двете земји, кој сѐ уште не е целосно спроведен.

Игри на моќта

Патот кон Митровица. Фото: Дејвид Бејли; Фликр

Јована Радосављевиќ, извршен директор на „Нова општествена иницијатива“ од Митровица, смета дека српската заедница од северот, се злоупотребува за политички цели.

„Националистичката пропаганда (облепена на возот), иако всушност тоа е одраз на чувствата на поголемиот дел од српското население, беше провокативна и спротивна на сиот напредок постигнат во последните 17 години (по војната). Локалната заедница не го побара тоа, никој не го побара тоа“, вели Радосављевиќ за БИРН.

„Не е јасна причината поради која српската влада користеше ваков декор, но тоа дефинитивно добро ќе им послужи на целите на претстојната кампањата за (претседателските) избори во Србија“, додаде таа.

Милица Андриќ, проект менаџер на невладината организација „Актива“ од Митровица, вели дека тензиите меѓу Албанците и Србите во Косово не се резултат на лошите односи меѓу луѓето, туку вина на политичарите.

„Секогаш станува збор за игри на моќта. Ние секогаш сме тие кои се виновни за неуспешните политики на Владата на Косово и (секогаш користени како) средство на српската влада да ги постигне своите цели, особено во меѓународните преговори“, вели Андриќ.

Нешовиќ вели дека верува оти зад тензиите се скриени политички мотиви.

„Нашите општества во последните 17 години се многу поделени, па затоа и нашите контакти не се многу чести. Од друга страна, конфликтите често се преувеличени, политичарите злоупотребуваат различни ситуации за да освојат поени за себе, но тие мора да бидат свесни за последиците што можат да произлезат од овие потези“, нагласува тој.

Соврлиќ вели дека мнозинството косовски Срби едноставно сакаат да уживаат во мирољубивиот живот.

„Луѓето во Косово не сакаат конфликти, сакаат исто што и останатиот свет - да живеат во мир во своите домови, да имаат пристојни плати и да живеат нормално“, заклучува таа.

 

FILTER

READ THIS ALSO