Притисок врз БиХ во врска со исчезнатите лица

 
Марија Ристиќ, БИРН, Женева
 

ООН ги повика властите во БиХ да ја подобрат законската регулатива заради спречување и казнување на принудните исчезнувања и заради забрзување на потрагата по околу 10.000 лица, кои исчезнаа во оваа држава во 90-тите години.

Комитетот на ООН за присилни исчезнувања, во петокот соопшти дека судбината и местата на кои се наоѓаат останките на околу една третина од 30.000 луѓе, кои беа пријавени во БиХ за исчезнати како резултат на војната, сѐ уште се непознати, и дека многу од нив веројатно биле жртви на присилнo исчезнување.

Во серијата препораки усвоени од Комитетот, се изразува загриженост во врска со бавното темпо на ексхумација и идентификација, но и поради недостигот на средства од буџетот наменети за Обвинителството на БиХ.

Во соопштението се вели дека проблемите се предизвикани и поради недостигот на експерти по судска медицина и намалување на буџетот на Институтот за исчезнати лица.

„Комитетот со загриженост забележува дека буџетот на Институтот за исчезнати лица e преполовен во однос на буџетот што оваа институција го имаше на почетокот на своето основање, и покрај фактот дека Институтот постепено презема одговорности од Меѓународната комисија за исчезнати лица, и изразува жалење што на Институтот не му се обезбедени сите потребни технологии за ефикасно откривање на гробниците и за извршување на ексхумациите“, се вели во соопштението.

Комитет на ООН предупредува на големиот број заостанати необработени случаи на воени злосторства во Босна и Херцеговина, и им препорача на властите конечно да ја имплементираат Државната стратегија за работа на предметите на воени злосторства, чија реализација е одложена поради политизација и недостиг на ресурси за да може локалниот персонал да се справи со овој голем број на случаи.

Заштитата на сведоците е уште една тема за која Комитетот изрази загриженост, при што ги нагласува „недоволните капацитети за заштита на сведоците, вклучувајќи го и отсуството на програма за заштита на сведоците во ентитетите, на кои им се пренесени случаите на воени злосторства“.

Истакнувајќи дека полициските службеници на државно ниво и државните службеници, осомничени за сторено кривично дело, во текот на истрагата за злосторството за кое се товарат, привремено се суспендираат од должност, Комитетот укажува дека е недоволно јасно дали постоечките закони во ентитетите и Дистриктот Брчко, ги обезбедуваат истите гаранции.

Комитетот смета дека не е јасно дали кој било припадник на безбедносните сили и на силите за спроведување на законот, може да биде исклучен од истрага за присилно исчезнување, ако еден или повеќе од нивните припадници се обвинети за вмешаност во злосторството.

Комитетот укажува дека на ниво на државата, ентитетите и дистриктот, треба да се донесат експлицитни законски одредби, за да се обезбеди суспендирање од истрагите на припадниците на безбедносните сили и на силите за спроведување на законот, осомничени за вмешаност во присилно исчезнување, за да не се најдат во позиција да влијаат или да ја попречуваат истрагата.

Во делот кој се однесува на репарациите за жртвите на војната, Комитетот вели дека отсуството на државен фонд за поддршка на семејствата на исчезнатите во конфликтот, „резултирало со негирање на правото на семејствата на исчезнатите лица да добијат надомест“.

Комитетот нагласува загриженост и поради неутврдената судбина и местата каде што се наоѓаат останките на 94 деца од Сребреница, кои биле жртви на присилно исчезнување во 1995 година.

FILTER

READ THIS ALSO