Косово најави можност да го врати Боро покрај Рамиз

http://www.balkaninsight.com/

 

Властите во Приштина ќе ја разгледаат можноста за враќање во првобитна состојба на cпоменикот поставен во чест на двајца партизани, Србин и Албанец, кои заедно се бореле против фашистите во Втората светска војна, откако првиот човек на Здружението на Црногорците во Косово штрајкуваше со глад.

Дие Морина, БИРН, Приштина

Претседателот на Здружението на Црногорците во Косово, Слободан Вујичиќ, изјави дека општина Приштина му ветила оти ќе ја разгледа можноста, бистата на партизанскиот херој Боро Вукмировиќ, да биде вратена покрај бистата на Рамиз во Приштина.

Бистата на Вукмировиќ и бистата на неговиот партизански соборец, Рамиз Садику, со децении во овој парк стоеја една покрај друга, но по војната во Косово, бистата на Боро беше отстранета.

„Мислам дека бистата на Боро Вукмировиќ треба да биде вратена покрај бистата на Рамиз Садику, бидејќи тие се симбол на борбата против фашизмот и симбол на можниот соживот на сите заедници во Косово“, рече Вујичиќ за БИРН.

Вујичиќ, во понеделникот, во знак на протест, ноќта ја помина во паркот во Приштина. Тој побара и враќање на таблата на улицата со името на црногорскиот поет, Радован Зоговиќ.

Додаде дека во вторник го посетил претставникот на општина Приштина одговорен за култура, Бесарт Влахиња, кој го информирал дека властите „можеби ќе ги вратат и бистата и таблата“.

Сепак, портпаролот на општина Приштина, Адонис Тахири, за БИРН изјави дека властите прво треба да утврдат како и зошто бистата била отстранета.

„Не ги знаеме условите под кои била отстранета бистата, затоа прво треба тоа да го дознаеме“, рече Тахири за БИРН.

Вујичиќ рече дека враќањето на бистата на нејзиното место, ќе биде израз на толеранција.

„Косово треба да се гради врз антифашизмот и мора да ги негува и чува овие вредности на својот пат кон Европската унија“, додаде тој.

Тахири рече дека не е прв пат таблата на улицата која го носи името на Радован Зоговиќ да биде отстранета, но потврди дека општината ќе ја замени.

„Улицата Радован Зоговиќ постои во Приштина. Ние откривме дека постои проблем со отстранување на таблите и затоа кога тоа ќе се случи, таблата ќе бидат заменета“, додаде тој.

Со децении, Боро и Рамиз беа симбол на мултиетничка Југославија.

Во поранешна Југославија, во Косово, учениците ја учеа патриотската поема за овие двајца партизани.

Поемата, која учениците ја учеа и на српски и на албански јазик, ги опишува Србинот Вукмировиќ и Албанецот Садику, како „две тела од иста крв“.

FILTER

READ THIS ALSO