Во Сараево отворен Mузеј на злосторствата против човештвото

Објавено на порталот: balkaninsight.com

 

Во Музејот на злосторствата против човештвото и геноцидот 1992-1995, кој беше отворен во Сараево, меѓу експонатите кои ја прикажуваат историјата на војната во Босна и Херцеговина, се изложени и лични работи на воените жртви.

Експонат во музејот. Фото: Александра Тољ

Во центарот на Сараево оваа недела своите врати ги отвори Музејот на злосторствата против човештвото и геноцидот 1992-1995, во кој се изложени лични предмети на жртви, ексхумирани од масовни гробници, маици, чешли и часовници, како и материјалиод архивата на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ).

„Во БиХ немаме музеј, каде што на едно место ќе ги имавме сите релевантни факти од периодот 1992-1995 година“, рече Алија Глуховиќ, член на организацискиот комитет на музејот.

Освен таблите на кои се испишани информации за историјата на конфликтот, во музејот се наоѓа и реконструирана затворска ќелија.

Се прикажуваат и воени филмови, како што се „Градови под опсада“, „Kрај на неказнивоста - Сексуалното насилство пред Трибуналот“ и „Со нивни очи (Сведоци на правдата)“, кои зборуваат за жртвите и сведоците на злосторствата, што ги надминале своите стравови и сведочеле пред суд.

Фото: Александра Тољ

Во Босна и Херцеговина не постои консензус во однос на она што се случило во војната, особено во врска со масакрот во Сребреница. Поставката во музејот е наменета за странски и домашни посетители.

„Повеќето од оние кои доаѓаат во Босна и Херцеговина, како туристи, се заинтересирани за 90-тите години. Добро е што постои едно место кое ќе им овозможи да добијат повеќе информации“, рече Глуховиќ.

Еден од туристи кои го посетија музејот е Себастијан од Шпанија, кој рече дека ова ја покажува реалноста на конфликтот.

„Она што го видов на улица не се поклопува со она што очекував Босна да биде. Кога дојдов тука, во музејот, го видов она што очекував“, рече тој.

Новинарот и режисер, Авдо Хусеиновиќ, одигра голема улога во собирањето материјали за музејот, кој тој го опишува како скромен, но важен.

„Мислам дека би било катастрофално да се чека да поминат 50 години за да се направи нешто како ова. Тогаш би се создала можност за политички игри со овој дел од историјата“, рече Хусеиновиќ.

Фото: Александра Тољ

Музејот на злосторствата против човештвото и геноцидот 1992-1995 се наоѓа во улица „Ферхадија“ бр. 17 во Сараево, и е отворен секој ден од 09: 00-22: 00 часот.

FILTER

READ THIS ALSO