Autor: Linda Gusia

Изложба „Податоци: Март“ – Протести и активизам на жените на Косово

Фотографија: Ardit Hoxha and Majlinda Hoxha

Феминистичкиот активизам има долга историја на бришење и маргинализација. Историската амнезија ги обвива движењата на жените и секој обид за откривање на нивните генеалогии и искуства сам по себе претставува чин на интервенција. Сепак, детерминирањето на движењата на жените, побарува решавање на комплексноста и историскиот контекст во кој овие движење се појавиле. Академските и уметничките потфати во мапирањето на движењата на жените и искуството ставајќи ги во нивниот историски контекст даваат можност за демаскирање на различните структури кои го овозможуваат интерсекционалното потиснување во животот на жените.

Изложбата „Податоци: Март, Заборавениот активизам на жените - Косово, март 1998 година“ беше отворена за публиката од 30 август 2019 година. Изложбата претставуваше колективен организациски напор и се создаваше преку разговори на кујнските маси и во ресторани во Приштина, паралелно со „чешлање“ низ моите докторски истражувања и архиви. Изложбата беше отворена во Националната галерија на Косово преку поставките на уметниците Мајлинда Хоџа и Нурхан Ќехаја, истражувачите Линда Гусиа и Кораб Красниќи и инженерот на звук Дритеро Никќи. Безброј други пријатели: Нита Лучи, Лирика Демири, Јета Реџа, Елиза Хоџа, Нита Зеќири, Еремире Красниќи, се само дел од многуте, кои советуваа, помогнаа и ги споделија своите приказни, спомени, фотографии и идеи за тоа како да се создаде изложба која овозможува да се продолжи понатака преку поинклузивни разговори.

Настојувајќи да создадеме изложба која ги поттикнува посетителите да ги споделат своите искуства, сеќавања и впечатоци, обрнувавме внимание на тоа како реципрочниот дијалог го трансформира нашето разбирање за минатото. Нашата намера беше да  собереме инспиративни одговори, сеќавања и впечатоци на отворањето на изложбата преку неформални разговори, при што некои разговори и средби ги документиравме. #datamarch имаше  цел да долови аспекти од изложбата и секаков друг материјал или сеќавање што учесниците и посетителите сакаа да го споделат. Изложбата содржеше и куп од 5.000 листови бела хартија, скоро колку и бројот на жени кои беа присутни на протестот „Повик за мир“ организиран на 1 март 1998 година. Белите листови хартија и моливи беа поставени на клупа, и имаа  цел да ги инспирираат луѓето да пишуваат, да цртаат и да размислуваат. Во позадина пуштивме звук на шушкање на тие листови од бела хартија, придружени со зголемени и врамени фотографии на еден од најсимболичните протести во тоа време.

Изложбата беше поврзана со протестите како видлива форма на активизам, зумирајќи во одредено време – март 1998 година, кога женското движење организираше 13 протести на улиците на Приштина. Со документирање и прикажување на политичкиот активизам на жените, оваа изложба изнесе на виделина и разоткри архиви,  со што начините на кои жените ги исцртуваа јавните простори и ја манифестираа својата политичка субјективност на даденото време станаа повидливи. Преку истакнување на артикулациите и симболиките коишто се провлекуваа на овие протести, изложбата беше конструирана како отворена покана за истражување и интеракција со личната и колективна документација, наративи и искуства.

На изложбата беа претставени четирите најголеми протести организирани од жените: „12 часот е за Косово – Повик за мир“, протест одржан со свеќи на денешниот плоштад „Мајка Тереза“, славниот марш „Леб за Дреница“ и протестот „Мирен развод“.

Големите примероци од отпечатени архивски материјали на ѕидовите создаде една рафинирана напнатост во просторијата, којашто имаше  цел внимателно да го долови чувството што значи да се биде дел од тие протести. Звукот беше лепилото и го даде тонот на изложбата за она што главно беа – неми протести, кои често завршуваа со придушена акламација на зборот „Lavdi!“ [Слава!]. Низ изложбениот салон се слушаа шушкави звуци на листовите хартија кои се мавтаа во воздухот – познати само за оние кои учествуваа на тој протест. Се пуштаа архивски видеа на стар телевизор и VHR-видосет, кои ги репродуцираа не само носталгичните бои и квалитетот на видеото, туку и расцепканата природа на снимките, кои континуирано се пуштаа без престан (ова се гледа особено во видеото на славниот марш „Леб за Дреница“). На другата страна од собата, низ центарот на еден од ѕидовите се протегаше црвена лента, со што се засилуваше сликата на жени кои држат високо подигнати лебови  во воздухот за време на маршот. Ѕидот со црвена лента претставуваше потсетување и на полициските кордони кои ги запираа жените и не им даваа да поминат низ нив, како и за лентите што организаторите на протестот ги ставаа на рацете за да се идентификуваат меѓу себе, со цел да го одржат протестот мирен и да ја обележат редицата во толпата демонстранти. На централната сцена на изложбата, посетителите можеа да седат рамо до рамо и да слушаат фрагменти од интервјуа од учесници на протестот и организатори, направени во соработка со Усната историја на Косово. Овие интервјуа презентираа различни искуства од истиот протест, нудејќи различни позиции и ставови од лидерите на движењето и демонстрантите: Албертина Бинаку, Едита Тахири, Елиза Хоџа, Флора Бровина, Лендита Цена и Вјоса Добруна.

Организирањето изложба со архивски материјал, фотографии, видео и звук со цел да се создаде платформа за колективно раскажување на тие протести и за меѓугенерациски средби на жени активистки беше појдовната основа за таа изложба. Намерата беше да се прикаже комплексноста и противречностите при организирање на женското движење од местото на насилство. Денес, додека се бориме со незавршениот активизам на движењата на жените, признавајќи и учејќи од нивните ограничувања, ставови и практика, тоа, пред сè, подразбира да се осознаат меѓусебните врски на родовата неправда со сите други форми на неправда. Како што научивме, за да се спротивставиме на неправдата, потребно е присуството на нашите гласови и на нашите тела во движењата.

Линда Гусиа е социолог и  феминистички научник, која предава на Универзитетот во Приштина. Нејзиното истражување се фокусира на теми поврзани со родот, феминизмот, активизмот, просторот, меморијата и насилството. Таа е коосновач на Универзитетската програма за родови студии и истражување, УП. Моментално истражува и работи на проектот : „Изработка на Музеј за образование: меморија, насилство и отпор, низ аспектот на уметниците, младите и институциите. Таа е и соработник на проектот ReSpace Reanimating Contested Spaces (ReSpace): Designing Participatory Civic Education за и со младите во Косово и во Руанда, проект кој е во втора фаза од голем грант кој истражува како концептите на просторот, преку партиципативни методи базирани на уметност, можат да ја вклучат „постмеморијата“ на генерацијата во Руанда и во Косово во преосмислување на конкретни локации.

ДОПОЛНИТЕЛНО ПРОЧИТАЈТЕ

Што е Балкански.Перспективи?

Балкански.Перспективи е регионално списание кое се фокусира на соочување со минатото (СсМ) во Западниот Балкан. Списанието се изработува на четири (4) јазици и е заеднички проект помеѓу Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија и Србија. Списанието е платформа за локалните актери кои го подржуваат конфликт – сензитивниот дискурс на теми поврзани од неодамнешното минато. Списанието нуди плуралност на перспективите на СсМ насекаде во регионот и цели кон оспорување на стереотипите и етноцентричните наративи, како и охрабрување на критичкото размислување, поширока дебата и засилување на конструктивните пристапи за соочување со неодамнешното минато.


Можете електронски да се претплатите на списанието со испраќање на електронска пошта на: balkan.perspectives@forumzfd.de.

Го поздравуваме и цениме вашето мислење и фидбек и се надеваме дека ова списание ќе ви биде вреден ресурс.

 



  Newsletter

Балкански.Перспективи