Autor: Irina Subotić

Уништувањето на нормалниот живот нема да успее!

Во обид да ги дефинираме особините на оваа недостижна пролет 2021 година - со бавното заминување на КОВИД-19 (дали ќе биде еднаш засекогаш?) - чувствуваме стабилен, одлучен, иако не доволно турбулентен, собир на луѓе низ Србија со исто или слично барање: „Сакаме подобар квалитет на живот!“

Овој почеток на разгранетото „еколошко востание“, независно од политичките организации е најочигледниот и најдлабокиот знак дека граѓаните сфатиле дека е пречекорена црвената линија и дека институциите се „заробени“. Вторите не ги извршуваат своите должности, не се грижат за јавниот интерес на граѓаните или за нивното право да учествуваат во донесувањето одлуки, особено кога станува збор за нивното здравје и простор за живеење.

Целиот систем на грижа за граѓаните стана бесмислен. Нивните потреби не се задоволени: инфраструктурата, комуникацијата, пред сѐ сообраќајот, основните потреби како водоснабдувањето и канализацијата, здравствените домови, градинките и дневните центри, центрите за стари лица, како и спортот и рекреацијата. Секој конструктивен контакт со населението е елиминиран, сè додека тие не се здружат со цел да се побуниат и да се држат до своите барања. Професионалните мислења не се земаат предвид, како што се мислењата на угледни урбанисти и планери. Сите активности се насочени од единствениот центар на моќ, кој успешно ги крие сите релевантни информации за градот и неговата иднина. Сето ова се чува скриено како државна тајна! Дури и цената на ужасно грандиозниот, страшен во неговата измешана концепција, пренатрупана со историски наративи: статуата на основачот на династијата Немањиќ. Издигнат на сега празниот и студен плоштад Сава, првенствено се смета за споменик на сегашниот владетел кој ги носи сите одлуки, им се лути на своите сограѓани, ги кара, им се заканува со својот силен меч, што не му доликува на скромниот монах Стефан Немања.

Сето ова е доволна причина да се сомневаме во законитоста на овие активности, да претпоставиме дека личните интереси со неизбежната корупција се во игра, вклучително и инвестициите со скриени агенди на сите нивоа. Одговорните институции го дозволуваат ова и на тој начин придонесуваат за уништување на нашите животи, нашата природа и нашето опкружување, нашата историја и нашата култура. Големите европски градови го зголемуваат процентот на зелени површини до 50%, додека шумите Авала, Кошутњак, Звездара, околината околу Бариќ се сечат; се продава националниот парк Фрушка Гора: стотици парцели сега се во сопственост на приватни бизниси, па дури и изворите на скапоцена лековита вода се на удар. Нелегални, огромни згради се подигаат во области како што е Врвот на Панчиќ на Копаоник.

Тука не станува збор само за вода, земја, воздух, шуми, туку за манијакална потреба да се асфалтираат паркови, да се испразнат градските плоштади, да се менуваат урбанистичките планови и да се градат несоодветни станбено-деловни згради под раководство на инвеститори кои одлучуваат како градот ќе изгледа, без оглед на урбанистичкото планирање и по цена на уништување на цели заштитени урбани и природни области, не само индивидуални историски и културолошки бесценети куќи. Белград не е единствениот град кој го тероризираат инвеститорите - но се чини дека другите градови во светот се малку поуспешни во одбрана од каприците и профитот на корумпираните влади и нивните штитеници. Тие зборуваа за „Зеленото чудо“ - „долгиот парк“ од мостот Панчево до Ушќе, и се покажа дека наместо тоа планираат линија на високи станбени згради, што всушност ќе го прекине контактот со Дунав. Која е логиката зад оваа избезумена изградба на станбени агломерации, кога бројот на српски граѓани се намалува секоја година - за околу педесет илјади или население на еден просечен град? Дали цела Србија ќе се пресели во главниот град?

Интелектуалците пишуваат за систематското „искоренување на европските норми и стандарди“. Дали некој некогаш слушнал за некој владетел од средниот век да има две улици и два споменици во ист град именувани по него - како што има Стефан Лазаревиќ во Белград? А сепак, нашиот главен град нема (прифатлива, опремена, завршена) железничка станица или централна автобуска станица: и двете не се во функција заради дивата градба на целиот комплекс на Белград на вода, кој зазеде огромен дел од десниот брег на реката Сава, скоро до сливот со Дунав, мостот Газела.

Низа нетранспарентни акции се поврзани со овој мегаломански проект, наменет за најпривилегираните граѓани, што целосно го менува погледот и перспективата на нашиот град со неговите сурови, незамисливи станбени агломерации во центарот на населбата, вклучително и уривањето на приватни имоти, непознатите инвеститори, непознатите градители, нејасните планови, што се гради, кој купува, а кој плаќа.

Се поставуваат најскапите музички фонтани, се подигнуваат бесмислени споменици со лажна почит кон историјата, во планирањето се планира највисокиот јарбол во светот, се градат високи кули за да се натпреваруваат со оние во Дубаи и Абу Даби, се подготвува метро „од никаде до никаде“, како и таканаречената гондола до трговски центар со јасна намера да се уништи најважниот белградски споменик - неговата тврдина. Кулите на Голубац се веќе „модернизирани“ со несоодветни интервенции, а Виминатиум стана нашиот антички Дизниленд. Во тек се подготовките за уништување на околината на најстарата црква Свети Петар во Рас, а под закана е и праисториското наоѓалиште Бело Брдо во Винча.

Српската православна црква од друга страна, целосно заснована на сопствените каприци, волја, вкус и идеологии, ги менува ентериерите на заштитените манастири и храмови, создавајќи нова околина со многу лажни искри, бел и шарен мермер, бесрамно и бескрупулозно бришење на трагите од нашата историја и убавината на натрупаните векови. Сето ова е овозможено од институциите задолжени за заштита на нашето наследство, под изговор дека црквата не е под нивна надлежност.

Србија е во хаос: илјадници неконтролирани депонии на неразградливи наслаги на токсичен отпад, апарати за домаќинство, пластични производи; шумите се покриени со градежен шут, а големите реки се загадени со фекална материја; чистите планински потоци се туркаат во цевки; валканите технологии на големите индустриски постројки, особено во сопственост на странските компании, предизвикуваат болести и смрт на илјадници луѓе секоја година; многу населени места немаат канализација или водоснабдување. Пренатрупаноста на Белград без соодветна инфраструктура и со секојдневен метеж во сообраќајот е доказ дека никој не се грижи за квалитетот на животот.

Војводина останува без вода за пиење, пред се поради изворите на нафта и излевањето. Изворите на вода за пиење за граѓаните на Белград што живеат на Макиш се загрозени од багери, подземната железница и новите населби со стотици илјади жители. Големиот воен остров е загрозен - зеленате оаза која е живеалишта на бројни птици преселници и други видови. Минералните води и бањи низ цела Србија се продадени на странци, како и на најплодното обработливо земјиште - освен ако не се преквалификувани како градилишта.

Борбата да се спречи бескрупулозната мултинационална Рио Тинто да ги труе земјата и водата низ цела Србија само за сопствен профит, со лажни ветувања дека граѓаните на Србија ќе имаат корист од тоа, допрва претстои.

Новиот Генерален урбанистички план (ГУП) на Белград се развива скоро тајно; не е познат храбриот автор (или автори) кој ќе обезбеди основа за планирање на градот до 2041 година. Колку што знаеме, работата не им е доверена на професионални тимови или истакнати специјалисти, наместо тоа сè им се дава на инвеститорите, кои на крајот донесуваат одлуки за нашите животи. И целиот свет ги знае нивните интереси.

Можеме да продолжиме до бескрај...

Затоа, не е невообичаено што граѓаните низ цела Србија се револтирани: се чувствуваат како да им се загрозени животите, се собираат, групите постепено растат, сите во иста зелена насока, од сите правци, со различни проблеми, но секогаш со истата порака за здрав живот. Ова исто така обединува бројни групи во Белград: на Врачар, улица Тополска, против узурпација на левиот брег на реката Сава за крајбрежјето на Белград, против уништување на Блок 37 во Нов Белград или училишните дворови во Звездара, заштитената населба Церак Виногради, за зачувување на Калемегдан, Стариот мост, брегот на Земун, Гардош, Топличин венац, паркот на Војвода Вук, дрвјата на Дорчол, автобуската линија 28, зелени површини околу салата „Пионир“.

Постојат безброј примери на сѐ поголем број граѓани кои го креваат својот глас - ова е единствената надеж дека ќе се обноват условите за нормален живот во Србија. Наскоро, се надеваме...

Белград, јуни 2021 година.                                                          

Превод на: Луна Ѓорѓевиќ

Ирина Суботиќ (1941), историчар на уметност и емеритус професор, предава магистерски и докторски студии во Белград, на Универзитетот за уметности (Одделение на УНЕСКО) како и во Нови Сад, на Академијата за уметности и на Катедрата за сценски дизајн на Факултетот за Архитектура. Долги години работела како кустос за Музејот на современа уметност и за Националниот музеј во Белград. Член е на повеќе професионални здруженија и граѓански организации: АИКА, ИКОМ, Европа Ностра, Европа Ностра Србија и Ла Ренесанс Франсез. Нејзино посебно поле на работа и интереси се модерната уметност, авангардата од дваесеттите години и неинституционалната грижа за културното наследство.

FILTER

ДОПОЛНИТЕЛНО ПРОЧИТАЈТЕ

Што е Балкански.Перспективи?

Балкански.Перспективи е регионално списание кое се фокусира на соочување со минатото (СсМ) во Западниот Балкан. Списанието се изработува на четири (4) јазици и е заеднички проект помеѓу Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија и Србија. Списанието е платформа за локалните актери кои го подржуваат конфликт – сензитивниот дискурс на теми поврзани од неодамнешното минато. Списанието нуди плуралност на перспективите на СсМ насекаде во регионот и цели кон оспорување на стереотипите и етноцентричните наративи, како и охрабрување на критичкото размислување, поширока дебата и засилување на конструктивните пристапи за соочување со неодамнешното минато.


Можете електронски да се претплатите на списанието со испраќање на електронска пошта на: balkan.perspectives@forumzfd.de.

Го поздравуваме и цениме вашето мислење и фидбек и се надеваме дека ова списание ќе ви биде вреден ресурс.

 



  Newsletter

Балкански.Перспективи