Autor: Nikola Mokrović

Кон 30. годишнината од Антивоената кампања во Хрватска

Без оглед на тоа како ќе бидат решени конфликтите, луѓето од овие области ќе продолжат да живеат заедно. На сите ни треба мир; затоа, сите мора да работиме на развој на демократијата и постигнување економска, социјална и еколошка благосостојба. Нашите интереси се исти; војната и насилството им штетат на сите.

Од Повелбата на антивоената кампања

Оваа година се одбележуваат триесет години од започнувањето на Антивоената кампања (АВК) во Хрватска (во оригинал: Antiratna kampanja ARK), која е мрежа на мировни организации за човекови права и иницијативи кои имаа големо влијание врз развојот на сегашното граѓанско општество во Хрватска. Оваа година се одбележува и десетгодишнината од објавувањето на првата монографија на АВК, која обедини многу поранешни членови на АВК во обид систематски да ја документира својата работа и да ја систематизира нејзината важност од дистанцата која ја овозможија раните 2010-ти.[1]

Претходната деценија беше обележана со распространетата употреба на терминот „институционална меморија“, што укажува не само на потребата од реконструкција и преиспитување на специфичниот начин на работа на организациите, туку и на сопствената позиција и мисија во поширок општествен контекст. Во денешно време, состојбата во граѓанските организации, првенствено се карактеризира со бирократизација, исцрпувачки административен притисок од разни донатори и домашното законодавство, несигурни услови за работа, прекумерна количина на задачи и недостаток на ресурси потребни за нивно завршување, тенденција кон професионализација наместо активизам, јасно тематско насочување на овие организации и нивниот непопуларен статус во општеството. Ќе забележиме дека таквата комбинација од недостаток на соодветни активности и слаба дисциплина не придонесува во развојот на институционалната меморија. Опстанокот е во судир со развојот на организациите како алтернативни институции.

Дел од граѓанските организации – познати под општиот термин НВО – ги споделуваа овие карактеристики дури и пред десет години. Сепак, би можеле да констатираме дека тогаш ситуацијата беше на многу начини поочигледна и похаотична. Земјата се распаѓаше, се формираше нова; доминантните општествени вредности поминуваа низ длабок процес на ревалоризација; земјата се соочуваше со војна и тотална милитаризација на општеството. Во тој поглед, улогата на АВК беше двојна: таа не само што обезбеди рамка за обединување на поединците и иницијативите околу специфичните социјални проблеми, градејќи го потенцијалот за автономно граѓанско здружување, туку, во поширока смисла, исто така претставуваше зајакнување на општеството наспроти државата – поточно, намалување на државната интервенција во општеството – она ​​што го доживуваме како еден од столбовите на владеењето на правото. Тоа е исто така поврзано со формирањето на специфичната антивоена позиција, т.е. артикулација на одбраната на пристојноста во земја растргната од војна.

И покрај тоа што беше изградена врз веќе развиеното наследство на антивоени, пацифистички, алтернативни здруженија од 1980-тите, основањето и работата на АВК  беше континуирана процена на сопствената позиција во реално време. Очекувањето од еден ваков аранжман, за времетраењето на југословенската криза, може да се следи преку преписката на архивата на Зелена акција, едно од првите независни здруженија на граѓани во Хрватска, основано во раните 90-ти. Во текот на пролетта 1991 година, веќе се одвиваа низа јавни акции, а на четврти јули, Зелена акција го испрати апелот „Да ја запреме војната!“ На неформален состанок тој ден, кој се одржа во градината на ресторанот „Загорка“ на аголот од улицата „Држиќева“ и она што порано беше улицата „Пролетерска бригада“ (денес авенија „Вуковар“) беше планирано започнување на Антивоена кампања, а Повелбата беше напишана веќе следниот ден. Друштвото за подобрување на квалитетот на животот ѝ се приклучи на кампањата истиот ден и заедно со Зелена акција интензивно работеше на добивање на поддршка во следните два месеци.

Како што политичката ситуација стануваше сè покомплицирана, иницијативите во рамките на АВК цветаа. Списокот на нивните проекти е огромен, а од нив се развија и други независни организации, од кои некои се активни до ден-денес. На пример, Центарот за мировни студии еволуираше од проектот „Волонтер“; Амнести Интернешнл Хрватска еволуираше од Групата за директна заштита на човековите права, а Унија 47 произлезе од Групата за приговор на совеста, барајќи активно законско регулирање на правото на приговор на совеста. Здружението престана да постои по успешното исполнување на целта. Во 1993 година беа објавени две книги за воени злосторства во Хрватска и во Босна и Херцеговина. „АРКзин“ започна како фанзин (периодична публикација) на АВК и со текот на времето стана еден од ретките независни опозициски весници во Хрватска во 90-тите години. Моментално, служи како навистина корисен извор за изучување на сцената на граѓанското општество, чијшто развој го следеше.

Првиот автономен културен простор во Загреб – „Напад!“ – се појави под покровителство на анархистичките групи „АРКзин“ и „Загреб“. АВК промовираше теми што беа занемарени или непостоечки во јавната сфера: правата на жените, заедницата на лезбејките и геј-популацијата, заштитата на животната средина, независната култура и волонтерството. Развојот на АВК како хоризонтална мрежа е истовремено серија на организациски и идентитетски кризи; како што граѓанското општество стануваше сè покомплексно, и многу проекти и организации од јадрото на АВК станаа независни, така и потребата за АВК како мрежа престана да постои. По долг период на неактивност, последното собрание се одржа во 2006 година.

Документите од архивата на АВК исто така покажуваат колку е обемна и активна преписката и колку е силна мрежата меѓу слични иницијативи на локално, на регионално и на европско ниво. Во таа смисла, антивоената кампања беше дел од трендот што се одвиваше низ цела поранешна Југославија, што укажува на свесноста за потребата од акција и соработка во колективниот простор. Значи, може да се најдат низа белешки и писма од здруженија во Словенија, во Македонија, во Босна и Херцеговина и во Србија. Катастрофата што следеше, прво, избувнувањето на војната во Хрватска, потоа во Босна и Херцеговина, насилно стави крај на многу од тие врски. Инвентивноста на АВК се рефлектираше во раната употреба на електронска комуникација: првиот модем во Канцеларијата во Загреб беше инсталиран на почетокот на 1992 година.

Предизвикот со кој се соочуваме денес е дека на тие триесет години не можеме повеќе да се потсетуваме од краткотрајната меморија, иако заслужува да се нарече меморија во вистинста смисла на зборот. Денес, реконструкцијата на институционалната меморија бара копање низ разни архиви. Голем дел од записите што ја сочинуваа Канцеларијата на АВК во Загреб и која беше на услуга на целата мрежа, сега се чуваат во Документа. Повеќето дигитални записи од крајот на 90-тите и раните 2000-ти се изгубени засекогаш, поради големи промени во технологијата, како и поради познатата небрежност и незнаење во врска со важноста на зачувувањето. Живописните спомени на актерите од тоа време се голема поддршка, но достапноста на овие сведоци со текот на времето ќе се намали. Овој сегмент е неизмерно важен затоа што дури и да постојат пишани извори, тие откриваат само една димензија на комуникацијата.

Заедниците на истражувачи веќе зачуваа дел од тоа наследство, претворајќи го во низа стручни и научни трудови, магистерски и докторски дисертации и книги. И покрај фактот што темите за мировна акција сè уште се премногу алтернативни за јавните и училишните наставни програми, сè уште постојат влезни точки и деконструкција на националните канони. Но, уште поважно е прашањето кои заедници ќе продолжат да ги наследуваат традициите на антивоените и мировните движења и нивниот отпор, и одново ќе ги обмислуваат. Потребата за ова несомнено постои кога гледаме до кој степен нашите општества сè уште не се справиле со искуствата од војната, кои сè уште ги прогонуваат. До таа мера сè уште можеме да ја видиме релевантноста на Повелбата за антивоената кампања.

Никола Мокровиќ (1983) е роден, живее и работи во Загреб. Дипломирал политички науки. Од 2010 година работи во Документа – Центар за справување со минатото, на заштита и дигитализација на материјалите создадени од работата на граѓанските организации и независната култура и на проектот „Човечки загуби во војната во Хрватска 1991-1995 година“.


[1] Антивоена кампања 1991 – 2011 Нераскажана историја (Антивоена кампања и Документа, Загреб, 2011)

FILTER

ДОПОЛНИТЕЛНО ПРОЧИТАЈТЕ

Што е Балкански.Перспективи?

Балкански.Перспективи е регионално списание кое се фокусира на соочување со минатото (СсМ) во Западниот Балкан. Списанието се изработува на четири (4) јазици и е заеднички проект помеѓу Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија и Србија. Списанието е платформа за локалните актери кои го подржуваат конфликт – сензитивниот дискурс на теми поврзани од неодамнешното минато. Списанието нуди плуралност на перспективите на СсМ насекаде во регионот и цели кон оспорување на стереотипите и етноцентричните наративи, како и охрабрување на критичкото размислување, поширока дебата и засилување на конструктивните пристапи за соочување со неодамнешното минато.


Можете електронски да се претплатите на списанието со испраќање на електронска пошта на: balkan.perspectives@forumzfd.de.

Го поздравуваме и цениме вашето мислење и фидбек и се надеваме дека ова списание ќе ви биде вреден ресурс.

 



  Newsletter

Балкански.Перспективи