Балканските обвинители ветуваат правда за жртвите на воените злосторства

http://www.balkaninsight.com/

Во услови на зголемени тензии во регионот, обвинителите од Босна и Херцеговина, Хрватска и од Црна Гора, се состанаа за да ја покажат својата посветеност кон остварување на правдата за жртвите на воените злосторства, изјави главниот обвинител на Хашкиот трибунал.

Ајла Гежо БИРН Сараево

Обвинителите се состанаа во Бријуни, Хрватска. Фото: Обвинителство на БиХ

Десеттата регионална конференција на обвинителите за воени злосторства, која започна во понеделникот во Бриони во Хрватска, е гест на посветеност на соработката и остварување на правдата, изјави за БИРН, Серж Брамерц, главен обвинител на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ).

„Во време кога политичарите и официјалните лица во целиот регион дигаат тензии, ги негираат злосторствата и ги величат воените злосторници, јавноста со право може да се праша, дали во иднина за воените злосторства ќе има одговорност или неказнување. Но, она што на оваа конференција беше покажано е дека обвинителите на сите земји се обединети во нивната заложба за независна и непристрасна правда за сите жртви“, рече Брамерц.

„Се собравме заедно за да дискутираме за предизвиците и да ги идентификуваме решенијата, но, исто така, и јасно да покажеме дека и во време на политички тензии, процесот на правда оди напред“, додаде тој.

Освен обвинители од Босна и Херцеговина, Хрватска и од Црна Гора, на конференцијата присуствуваше и американскиот амбасадор за прашањата на воените злосторства, Тод Бачвалд.

Главниот обвинител на БиХ, Горан Салиховиќ, беше модератор на сесијата за соработка на обвинителствата во регионот. Од босанското обвинителство соопштија дека „Босна и Херцеговина е најзаинтересирана за регионалната соработка, со оглед дека најголемиот број на воени злосторства се извршени во Босна и Херцеговина“ .

„Обвинителството дава интензивни напори при лоцирањето, откривањето и екстрадицијата на осомничените кои се наоѓаат низ целиот свет, во Босна и Херцеговина, особено на оние во прекуокеанските земји. Моментално очекуваме неколку екстрадиции од САД и од Франција“, се додава во соопштението.

Земјите во регионот меѓусебно не ги екстрадираат лицата осомничени за воени злосторства, но имаат потпишано договори кои овозможуваат пренос на случаите.

Само во БиХ сé уште има стотици отворени истраги за воени злосторства.

FILTER

READ THIS ALSO