Autor: Srđan Puhalo

Справување со минатото во времето на социјалните медиуми

„Справувањето со минатото се однесува на процесите за соочување со насилното минато, што значи насилство врз сите жртви без оглед на нивната етничка, политичка или друга припадност. Справувањето со минатото се случува во секое општество на различни нивоа: на ниво на лична конфронтација, односно обработка на сеќавањата и преиспитување на сопствената одговорност за насилство; на ниво на справување со минатото во заедницата (меѓу пријатели и роднини, соседи, соселани, сограѓани...); на институционално ниво (улогата на меѓународните организации, држави, локални самоуправи, политички партии, религиозни групи...); на ниво на општеството како целина, т.е. јавноста како група граѓани кои своето внимание го насочуваат кон војната и другите настани од минатото“ (Кадров, Лалиќ, Терчелиќ, 2010).

Кога ја анализираме оваа дефиниција за справување со минатото во контекст на Босна и Херцеговина, веднаш наидуваме на неколку проблеми. Како прво, можеме да кажеме дека на државно ниво, нема процес на справување со минатото и сите процеси би биле поделени по етнички линии. Во практиката, ова значи дека Србите, Хрватите и Бошњаците зборуваат многу за сопствените жртви и за злосторствата на другите луѓе, релативизирајќи, минимизирајќи и замолчувајќи го секој говор за злосторствата извршени од сопствениот народ, притоа претворајќи ги своите воените злосторници во херои. Со таков однос кон жртвите и кон насилството, државните институции, политичарите, политичките партии и религиозните групи играат голема улога во сигурноста дека речиси ништо не е сторено за отворање на тој процес. Со сигурност можеме да кажеме дека тие се предводници во спречувањето, исцрпувањето и инхибирањето на таквите процеси. Дури и судските пресуди немаат голем ефект, затоа што политичарите и институциите кои тие ги контролираат ги сметаат овие пресуди за политички. Така, признавањето на сопствената одговорност за сторените злосторства не е нешто што е дозволено, а камоли јавно афирмирано.

Ако политичките центри на моќ немаат желба да започнат со процесот на справување со минатото, тогаш тој процес е оставен на мал број невладини организации и уште помал број лица. Се разбира, овие ентузијасти не можат да работат на тој процес непрекинато, бидејќи тие се во постојан конфликт со етничките наративи. Ова не е фер борба бидејќи невладините организации зависат од грантови на проекти, кои се ограничени со време, пари, интерес на донаторите и видот и бројот на медиуми кои им се на располагање, додека домашните политичари имаат државни буџети, јавни услуги и институции кои работат за нив.

Како функционираат социјалните медиуми

Со појавата на интернетот, информациите станаа лесно достапни за сите, но лесно достапни станаа и делумните информации и дезинформациите. Затоа, можеби би можеле да кажеме дека разоткривањето на релевантните од ирелевантните информации е во моментот најголемиот предизвик за поединците.

Не само што информациите станаа лесно достапни, туку и станаа лесни за ширење, а страниците за социјално вмрежување се идеални канали на комуникација. Проблемот е во тоа што информациите на социјалните медиуми се шират не затоа што се точни и проверени, туку затоа што тие се попривлечни за одредена категорија  луѓе.

Настрана од можноста за ширење на информации, страниците за социјално вмрежување ја направија ситуацијата уште покомплицирана со тоа што им овозможија на луѓето да комуницираат (коментираат) на овие информации, како последица на што коментарот на експерт се смета за еднакво вистинит со коментарот на лаик или некој кој свесно и намерно лаже.

Социјалните мрежи имаат ботови и тролови, чија цел е да се релативизираат одредени информации со своите коментари и да го пренасочуваат разговорот. Честопати целта им е да ги етикетираат поединците, чиј јавен ангажман не им се допаѓа, како странски платеници или предавници, а со тоа да ги дискредитираат нивните мислења.

Како функционира ова во практиката?

Кон крајот на декември 2018 година, објавив блог „Темната тајна на Котор Варош“, во кој пишувам за Бошњаците кои во 1992 година биле однесени од армијата и полицијата на Република Српска  на непозната локација, а чии тела сè уште не се пронајдени.

Тој блог беше виден од 26 143 лица и имаше 442 лајкови, 96 коментари и 83 споделувања, но за целите на оваа статија, коментарите се најважни. Она што прво изненадува е што можете лесно да ја утврдите етничката припадност на коментаторот врз основа на коментарите.

Бидејќи блогот е за бошњачки жртви, Бошњаците позитивно коментирале. Некои од нив објавија фотографии на исчезнати лица, други пишуваа за судбината на исчезнатите, некои ме пофалија како автор. Ниту еден коментар на кој било начин не го оспори моето пишување.

Од друга страна, Србите остро реагираа против статијата. Нивните коментари можеме да ги поделиме  во две групи: одговори на коментарите дадени од Бошњаци и коментари упатени до мене. Меѓу одговорите можеме да прочитаме дека станува збор за бошњачка пропаганда и дека овие луѓе не биле убиени, туку живеат некаде во странство. Некои побараа список со имиња на убиените Бошњаци бидејќи не им веруваат на институциите на Федерацијата на Босна и Херцеговина. Неизбежно, коментарите се навратија на приказната за злосторствата извршени врз Србите во Котор Варош за кои никој не одговарал.

Србите кои ми се обратија мене, коментираа дека Котор Варош е денес мултиетничка заедница, во која сите три етнички групи живеат хармонично, а јас ја уништувам таа хармонија. Ми беше укажано дека Бошњаците први започнале и дека убиствата се нивна вина. Се споменуваше селото Сердари, каде биле убиени Србите, за што никој досега не одговарал. Ми го свртеа вниманието кон убиството на српските деца од страна на снајперисти, без да наведат каде или кога се случило тоа. На крајот, ме обвинија дека сум платен да пишувам вакви статии.

Кога ќе ги погледнеме коментарите на мојот блог, можеме да видиме дека тој не поттикна конструктивен дијалог меѓу Бошњаците и Србите. Не беше покажана никаква емпатија кон жртвите, ниту пак беа пронајдени телата на убиените Бошњаци.

Такво е влијанието на социјалните медиуми во справувањето со минатото во Босна и Херцеговина.

Срѓан Пухало е роден 1972 година. Тој е психолог и истражувач на јавното мислење. Завршил средно електротехничко училиште во Сараево, а дипломирал на Катедрата за психологија на Филозофскиот факултет во Белград. Магистрирал социјална психологија во Бања Лука. Во моментов живее и работи во Бања Лука. Ги користи социјалните медиуми за давање политички неточни изјави со надеж дека ќе ги охрабри луѓето да размислуваат за она што тој го пишува и кажува.

ДОПОЛНИТЕЛНО ПРОЧИТАЈТЕ

Што е Балкански.Перспективи?

Балкански.Перспективи е регионално списание кое се фокусира на соочување со минатото (СсМ) во Западниот Балкан. Списанието се изработува на четири (4) јазици и е заеднички проект помеѓу Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија и Србија. Списанието е платформа за локалните актери кои го подржуваат конфликт – сензитивниот дискурс на теми поврзани од неодамнешното минато. Списанието нуди плуралност на перспективите на СсМ насекаде во регионот и цели кон оспорување на стереотипите и етноцентричните наративи, како и охрабрување на критичкото размислување, поширока дебата и засилување на конструктивните пристапи за соочување со неодамнешното минато.


Можете електронски да се претплатите на списанието со испраќање на електронска пошта на: balkan.perspectives@forumzfd.de.

Го поздравуваме и цениме вашето мислење и фидбек и се надеваме дека ова списание ќе ви биде вреден ресурс.

 



Балкански.Перспективи