Autor: Vladan Đukanović

Сеќавајќи се на минатото преку социјалните медиуми

Фотографија: Владан Чукановиќ

Честопати, социјалните медиуми ги третираме како нешто ново, па дури и непознато, и покрај тоа што повеќе од една деценија се дел од нашите животи. Уште од моментот кога оваа моќна иновација влезе на Балканот, таа стана простор за дискутирање во однос на справувањето со минатото и за репродуцирање на постојните содржини во нови форми.

„15 февруари 1924 година е денот кога во Рим е родена италијанската Eврејка Енрика Мили. Во октомври 1943 година била депортирана во Аушвиц. Таа не преживеа“.

Овој твит беше објавен на официјалниот профил на Спомен-музејот на Аушвиц на Твитер. Во прилог беше ставена едноставна предвоена фотографија од Енрика Мили. Твитот беше споделен илјада и четиристотини пати и доби над пет илјади лајкови. Под него можеше да се прочитаат над сто коментари кои изразува тага, емпатија, линкови до книги за холокаустот и повици за активна борба против фашизмот. Енрика не е толку позната како, да речеме, Ана Франк. За неа нема книги, филмови или документарци. Интернет-пребарувањето на нејзиното име ќе ви даде неколку линкови до архивите каде што се споменува. Сепак, благодарение на Твитер, ја паметиме.

Текстовите, фотографиите, видеата и линковите се главната содржина на социјалните медиуми, без оглед на тоа како овие платформи се развиваат со текот на времето. Ова е поедноставно од медиумската содржина, за која веќе сметаме дека е традиционална, и може да бидат видени од поширока публика, заобиколувајќи ги бариерите на постојните медиумски рамки. Ова е можност за справување со минатото и поголемо афирмирање на Балканот.

Традиционалните медиуми продолжуваат да покажуваат сѐ помалку интерес за теми коишто се занимаваат со минатото. Повремено, некои сензационалистички судски процеси се појавуваат на насловните страници и во ударните вести, секогаш проследени со воспоставени наративи за наметнување на колективна вина, со што целата нација е ставена пред суд, националните херои се нападнати и оние кои јавно зборуваат за злосторствата се доживуваат како предавници на нацијата. Ваквите извештаи ги третираат жртвите како бројки. Без имиња. Без фотографии. Без приказни. Доколку ги вклучат ваквите информации, секогаш се однесуваат на жртвите од „нашата“ страна.

Исклучоците од ова правило вклучуваат неколку медиуми кои обично се финансираат преку проекти, како и организации и поединци кои ги користат социјалните медиуми како безбеден простор за слободно изразување. Сепак, оваа слобода е ограничена од максималната „достапност“ на нивните профили на социјалните мрежи, што е неспоредливо со достапноста на традиционалните медиуми. Сепак, нивните напори не треба да се сметаат за незначителни, затоа што тие го поттикнуваат опстанокот на вистината и меморијата.

Социјалните медиуми им даваат на луѓето слобода и платформа јавно да ги осудуваат воените злосторници и негаторите на воените злосторства, при што можат да ги искористат моментите на нивното враќање во јавниот живот, откако ги издржале своите казни, и кога се пречекуваат како херои. На овие платформи, луѓето исто така можат слободно да укажат на манипулации со бројот на жртви од воените конфликти и околностите околу воените злосторства, при што можат да се повикаат на докажаните судски факти и да бараат одговорност. Тоа се простори за слободно отфрлање на службената политика на негирање и заборавање.

Официјалната политика секако е присутна и на сите социјални медиуми. Овие платформи, како и традиционалните медиуми, се користат како алатки за пропаганда. Тие исто така претставуваат простор за континуирано репродуцирање на доминантните наративи. Сепак, разликата е во тоа што постои можност да се одговори со факти. Гласот на жртвите е особено важен во содржината што ја создаваме, затоа што фактите не се секогаш доволни за да се разбуди интересот на јавноста.

Ова е најголемиот страв на оние кои имаат моќ и одговорност, кои не сакаат да се соочат со вистината. Судските заклучоци во земјите каде владеењето на правото е само збир на празни зборови, лесно може да се игнорираат, но автентичните сведоштва за оние кои биле убиени за време на војните будат емпатијата кај луѓето и можат да ги натераат да го преиспитаат својот став, што е  непожелен феномен. Ова ја загрозува долгогодишната практика на дехуманизирање на непријателот како увертира во извршувањето на военото злосторството, и го префрла фокусот на разговорот од нивото на големите национални митови кон обичните луѓе, со коишто секој може да се идентификува.

Организациите и активистите се оние кои треба да ги користат социјалните медиуми и да зборуваат за жртвите, да ги прилагодат постојните ресурси на платформите кои ги користиме и да им овозможат на луѓето да ги видат фактите, имињата, лицата, звуците, емоциите, изгледот, карактерот, личноста. Да им овозможат на нивните приказни да излезат од архивите, и следствено од заборавот. Рехуманизацијата на жртвите е првиот чекор кон запомнувањето, кое на крајот може да ги победи националните митови.

Несомнено, ресурсите ни се на располагање. Постојат бројни документирани изјави, снимки од сведоштва и усни истории, фотографии и документи. Ние мора да се осигураме дека жртвите се претставени достоинствено, дека нивните изјави се користат во правилен контекст, дека информациите се проверени и потврдени и дека изворите се наведени. Исто така, треба да бидеме сигурни дека жртвите не се загрозени од таквата изложеност и дека нивните идентитети се заштитени кога е потребно.

Не е невообичаено здруженијата на жртвите и поединци да користат социјални медиуми за да создадат содржини каде ги споделуваат своите приказни и бараат правда. Оваа можност, заедно да се создаде колективна меморија и да се споделат постојни содржини за да допрат до повеќе луѓе, е можеби и доволна.

Потсетувањето на важните датуми и воспоставувањето на заедничка меморија служат за да се спротивстават на идејата дека посветла иднина нè чека само ако се откажеме од зборување за минатото.

Денот на белата лента, во спомен на жртвите Бошњаци од Приедор, е кампања која во 2012 година ја започнаа здруженијата на жртвите. Секој 31мај, покрај редовните комеморации што се случуваат во повеќе градови, активисти од целиот Балкан се сеќаваат на жртвите преку споделување на свои фотографии, на кои носат бели ленти. Ова е гест што се однесува на директивата издадена во 1992 година, со која на Бошњаците им беше наредено да ги обележат своите куќи со бели знамиња или чаршави и да носат бели ленти, по што следуваа масовни убиства. Социјалните медиуми помогнаа во проширувањето на кампањата и информирањето на поголем број  луѓе за убиствата во Приедор, за кои некои претходно не слушнале. Исто така, на овој начин им се даде увид во пристапноста на социјалните медиуми во справувањето со минатото на Балканот.

Отпорот во однос на сеќавањето на минатото ќе трае уште долго. Националните митови нема да бидат демонтирани само по неколку вирални постови. Сепак, социјалните медиуми станаа простор кој ни овозможува да запомниме и да се осудиме, барем додека корпоративните интереси на нивните сопственици и контролата на авторитарните влади ни дозволуваат да го сториме тоа. Ако, во еден момент, тие застанат, ќе најдеме друг начин. Исто како што судбината на Енрика Мили најде начин да нè потсети, 77 години подоцна, дека не смееме тивко да стоиме и да го набљудуваме јакнењето на екстремната десница низ цела Европа.

Владан Чукановиќ е професионално ангажиран во областа на комуникациите, особено преку работа со граѓанските организации. Покрај професионалниот ангажман, тој е посветен на справување со минатото како активист во виртуелниот простор и во реалниот живот.

ДОПОЛНИТЕЛНО ПРОЧИТАЈТЕ

Што е Балкански.Перспективи?

Балкански.Перспективи е регионално списание кое се фокусира на соочување со минатото (СсМ) во Западниот Балкан. Списанието се изработува на четири (4) јазици и е заеднички проект помеѓу Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија и Србија. Списанието е платформа за локалните актери кои го подржуваат конфликт – сензитивниот дискурс на теми поврзани од неодамнешното минато. Списанието нуди плуралност на перспективите на СсМ насекаде во регионот и цели кон оспорување на стереотипите и етноцентричните наративи, како и охрабрување на критичкото размислување, поширока дебата и засилување на конструктивните пристапи за соочување со неодамнешното минато.


Можете електронски да се претплатите на списанието со испраќање на електронска пошта на: balkan.perspectives@forumzfd.de.

Го поздравуваме и цениме вашето мислење и фидбек и се надеваме дека ова списание ќе ви биде вреден ресурс.

 



Балкански.Перспективи