Autor: Edvin Kanka Ćudić

КАЗАНИ: ДАМКАТА НА САРАЕВО ЗА ВРЕМЕ НА ОПСАДАТА

Жал ми што не успеав да го прашам Цацо: „Зошто Цацо сине го направи тоа? Зошто тоа му го направи на човекот кој те сакаше? Зошто тоа му го направи на човекот кој ниту сакаше, ниту можеше да те повреди?“, рече Момчило Шалипур, таткото на убиениот Предраг.

Автор: Едвин Канка Ќудиќ

Казани е најголемата дамка на совеста на градот под опсада“. Оваа изјава беше неколкупати дадена со очекување од јавноста во Сараево или во Босна и Херцеговина да реагира на оваа информација. Сепак, јавноста само го игнорираше ова воено злосторство.

Казани е/се воено злосторство/воени злосторства против невиното цивилното население во Сараево за време на опсадата извршена од страна на единицата на Армијата на Република Босна и Херцеговина. Според некои, Алија Изетбеговиќ знаел за злосторствата, но не успеал да направи ништо во врска со тоа.

***

Казани е името на јама на планината Требевиќ која беше под контрола на 10-тата Планинска бригада на Армијата на Република Босна и Херцеговина за време на агресијата против Босна и Херцеговина. Командантот на бригадата, Мушан Топаловиќ Цацо, и членовите на неговата единица ја користеа јамата Казани како место за убивање и како масовна гробница за своите жртви. Убиствата на цивилите во Казани не траеја за време на целата опсада на Сараево. Тие се случуваа од 1992 до 1993 година. Жртвите не беа само Срби, но сепак Србите, или да бидам попрецизен, православните христијани, беа доминантните жртви на припадниците на 10-та Планинска бригада на Армијата на Република Босна и Херцеговина. Тоа можеби бил и единствениот критериум поради кој овие жртви биле убиени.

***

Бројот на жртви во Казани никогаш не е утврден и е предмет на бројни оспорувања дури и 26 години подоцна. Пошироката јавност смета дека Казани никогаш не бил целосно истражен, бидејќи жртвите биле убивани, фрлани во јамата, и покривани со вар, така што постојат неколку слоеви кои никогаш не биле целосно ископани. Исто така, не е познато колку тела биле изгорени на оваа локација.

Жал ми што не успеав да го прашам Цацо: „Зошто Цацо сине го направи тоа? Зошто тоа му го направи на човекот кој те сакаше? Зошто тоа му го направи на човекот кој ниту сакаше, ниту можеше да те повреди?“, рече Момчило Шалипур, таткото на убиениот Предраг, еден од војниците на 10-та Планинска бригада на Армијата на Република Босна и Херцеговина, во интервју за Слободна Босна во 2016 година, Предраг Шалипур бил убиен од неговиот предвоен пријател и воен командант, Мушан Топаловиќ Цацо, во октомври 1993 година, и бил фрлен јамата на Казани.

Најпознатото злодело во Казани е злосторството врз брачната двојка Комљенац, кои биле 67 и 72 години во времето на нивната смрт. Тие речиси не можеле да одат. Биле киднапирани од нивната семејна куќа од страна на војниците на Мушан Топаловиќ Цацо и биле убиени во Казани. Ана и Васиљ Лавров, стара украинска двојка која немала никаква врска со политика, исто така, била убиена. Браќата Вучуревиќ од улица Скендерија биле уапсени од страна на криминалците на Цацо, бидејќи нивното презиме звучело како презимето на националистот Вучуровиќ од Требиње. Разликата била само во една буква, но тоа не ги спасило, и двајцата биле убиени. Се нижеле едно злосторство по друго, луѓето почнале да зборуваат за тоа и медиумите почнале да ја покриваат темата, така што Владата конечно одлучила да се направи нешто во врска со тоа, за да го зачува сопствениот кредибилитет.

Кога станува збор за ова воено злосторство, клучен ден бил 26-ти октомври 1993 година, кога Претседателството на Република Босна и Херцеговина, Министерството за внатрешни работи на Република Босна и Херцеговина и Армијата на Република Босна и Херцеговина ја организирале акцијата „Требевиќ II“'. Целта на операцијата била да се сузбијат „криминалците во нивните редови и повторно да се воспостави контролата врз воените групи кои се одметнале“, односно командантот на 10-тата Планинска бригада на Армијата на Република Босна и Херцеговина, Мушан Топаловиќ Цацо, и командантот на 9-тата Моторизирана бригада на Армијата на Република Босна и Херцеговина, Рамиз Делалиќ Ќело.

Мушан Топаловиќ Цацо и неговите војници убиле девет припадници на Министерството за внатрешни работи на Република Босна и Херцеговина за време на апсењето, а Мушан Топаловиќ Цацо бил мртов само неколку часа по апсењето. Според официјалната верзија, „бил убиен при обид да избега“'.

Случајот на Топаловиќ, кој бил убиен, покажува дека воените злосторства можат да бидат наградени. Овој злосторник бил закопан во гроб без име до 26-ти ноември 1997 годна, кога бил организиран погреб. На погребот присуствувале околу 10.000 лица. Алија Изетбеговиќ не присуствувал на погребот (што ќе беше страшно!), но наместо тоа го испратил својот син Бакир. По тој повод, посмртните останки на Мушан Топаловиќ Цацо биле пренесени на гробиштата на паднатите борци Ковачи во Сараево. Денес, посмртните останки се наоѓаат во првата линија на гробови, во близина на мавзолејот на Алија Изетбеговиќ. Денес, како форма на компензација, името на Мушан Топаловиќ Цацо е врежано во златната плакета на основното училиште Едем Мулабдиќ во Бистрик, веднаш до имињата на загинатите припадници од Армијата на Република Босна и Херцеговина од општина Стари Град Сараево.

***

Жртвите, кои беа убиени во Казани беа ексхумирани во Казани, Гај и Грим Малине во 1993 година. Сите овие локации се дел од општина Стари Град Сараево. По ексхумацијата жртвите беа закопани во поединечни гробови и означени со дрвен знак без име на помошниот стадионот Кошево во Сараево.

Во ноември 1998 година, посмртните останки повторно беа ексхумирани од оваа локација, беа ставени во 28 торби и беа транспортирани до Спомен-костурницата во Лукавица (Источно Сараево). Форензичката анализа покажа дека посмртните останки припаѓаат на најмалку 23 жртви. Една од кесите содржела и животински коски.

Досега се идентификувани 15 жртви. Пет од нив биле жени, а десет биле мажи, на возраст од 27-66 години. Било утврдено дека две жртви биле Украинци, две од жртвите биле Хрвати, еден бил Бошњак и десет биле Срби. Три жртви од српска етничка припадност сè уште се водат за исчезнати.

Важно да се нагласи дека сè уште постои одреден број на ексхумирани неидентификувани жртви. Постојат седум изолирани ДНК профили во чиј случај немало соодветни примероци од крв кои се поклопувале.

***

Ниту едно лице не било осудено за воени злосторства за убиствата во Казани, туку за убиство или соучесништво во убиство. Четири лица биле осудени на по шест години затвор (Есад Туцаковиќ, Зијо Кубат, Рефик Чолак, Мевлудин Селак), додека осум лица биле осудени на казна од по десет месеци затвор за непријавување на злосторството и сторителите (Сенад Хасиќ, Сабахудин Жига, Самир Сеферовиќ, Омер Тенџо, Есад Раониќ, Самир Љубовиќ, Сенад Харачиќ, Армин Хоџиќ).

Кантонскиот суд во Сараево го осуди Асиф Алибашиќ на четири години и три месеци затвор. Суад Омановиќ прво беше осуден на три години затвор, а потоа и на десет години затвор по завршувањето на жалбената постапка. Сеад Кадиќ беше ослободен поради недостиг на докази во 2006 година.

***

Казани не е само злосторство кое се случило за време на агресијата против Босна и Херцеговина. И не е само воено злосторство што е извршено врз Бошњаците, Хрватите и Србите, туку е злосторство што се случило во Сараево, и поради тоа, градот мора да се помири, да прости и да прифати. Единствениот начин на кој може се помири е да најде начин тоа да послужи како предупредување за идните генерации преку изградба на споменик. Без споменик ќе биде како злосторствата во Казани никогаш да не се случиле. Со изградбата на споменик, на идните генерации ќе им се даде шанса за подобра иднина. Доколку Сараево тоа го направи (а засега се двоуми), тоа ќе биде првиот град во регионот кој се извинил за злосторствата против жртвите убиени од страна на армијата кој застанала во одбрана на градот. Кој знае, таквиот споменик може да биде поттик на некои луѓе да им проработи совеста и да изградат споменик на жртвите од геноцидот во Сребреница во Белград или на жртвите убиени во Ахмичи во Загреб. Додека тоа не се случи, нема да знаеме. Некој мора да го направи првиот чекор, а ние предлагаме првиот чекор да го направи мултиетничко Сараево.

Историјата го покажува овој неспорен факт, имено дека во Сараево било извршено злосторство на сред опсада против лица само затоа што нивните имиња биле различни. Казани, злосторство кое не засега сите нас, нема да се промени сè додека Сараево не заземе поинаков став за ова злосторство. Поради тоа, но и поради Сараево, како и поради жртвите на опсадата и жртвите на ова воено злосторство, лицемерните изјави на синот единец на Алија Изетбеговиќ не се доволни: „Чувствував дека тоа им го должам на жртвите, требаше да дојдам порано“. Бакир Изетбеговиќ ова го изјави во 2016 година, за време на првата и единствена посета на Казани. Не го анализираме поводот или намерата околу доаѓањето на Изетбеговиќ помладиот на местото на ова воено злосторство, но му поставуваме прашање на крајот, бидејќи тоа им го должиме на овие невини жртви: Зошто оттогаш ништо не се променило во свеста на Сараево и во ставот кон Казани?

___________________________________________________

Едвин Канка Ќудиќ (1988) е босанскиот активист за човекови права кој е најдобро познат како лидер на Здружението за социјални истражувања и комуникации (УДИК), организација која ги застапува човековите права и помирувањето во поранешна Југославија.

 

ДОПОЛНИТЕЛНО ПРОЧИТАЈТЕ

Нашиот Колумна

Колумна DwP е нов медиумски производ на онлајн платформа за справување со минатото www.dwp-balkan.org. Колумна DwP е регионална онлајн платформа за конструктивно размислување за теми поврзани со справување со минатото, со цел зајакнување на конструктивен и отворен пристап на регионално ниво. Со користење на ваков блог сакаме да промовираме конструктивен онлајн дискурс поврзан со тековните теми од областа на справување со минатото.

Одрекување од одговорност

Колумна - Справување со минатото е дел од регионалната веб-страница за справување со минатото www.dwp-balkan.org, и служи како онлајн платформа за конструктивни дебати за теми поврзани со справување со минатото. Ставовите изразени на овој блог се оние на неговите автори / блогери и не мора да го одразуваат гледиштето на уредниците или организацијата forumZFD (форум Civil Peace Service). Копирањето и прераспределбата на овој материјал се поттикнува, под услов текстот да не е изменет и да е вклучено соодветно наведување на веб-страницата и името на авторот. Копирањето и прераспределбата се бесплатни.