Autor: Erwan Fouéré

„Соочување со минатото во Западен Балкан“

„Денес ќе го добиеме извештајот чија изработка, сама по себе, е заслужна за тоа што сме тука, во точката во која што сме. Во него е вткаен трудот потребен за негување на кревките билки на мирот и помирувањето и неблагодарниот напор вложен во расчеречувањето на утробата на земјата со намера да се откријат нејзините исконски елементи кои истовремено може да создаваат и да уништуваат“.

Зборовите на претседателот Нелсон Мандела по приемот на конечниот извештај од комисијата за вистина и помирување, Јужна Африка, 1997 г.

Најтешкиот предизвик за сите општества кои излегуваат од конфликт е предизвикот за соочување со минатото, на начин на кој ќе се постигне помирување и трајна стабилност. Справувањето со минатото може да биде долг и болен процес. Но, примерот на Јужна Африка покажа дека тоа е единствениот начин за едно постконфликтно општество да се придвижи од едно поделено минато кон заедничка иднина.

Комисијата за вистина и помирување на Јужна Африка, формирана по изборот на претседателот Мандела во 1994 година, сама по себе беше делумно инспирирана од страна на Националната комисија за вистина и помирување основана во Чиле по крајот на режимот на Пиноче во 1990 година. Ова беше еден од првите сеопфатни постконфликтни обиди за справување со минатото во модерното време, преку изведување на сторителите идентификувани за извршување на најстрашното кршење на човековите права пред лицето на правдата, а во исто време и за поттикнување на процесот на помирување.

Земјите од регионот на Западен Балкан допрва треба да се соочат со овој предизвик. Долго време регионот се доживуваше како регион кој има произведено повеќе историја отколку што може да издржи. Западен Балкан ги опфаќа земјите кои произлегоа од конфликтот и кои се во различни фази на нивниот пат кон членство во Европската унија. Но, самото тоа патување е во сенка на длабоко поларизираните општества кои се хранат од националистичката реторика и секташката политика. Тоа ги прави сите обиди за справување со неправдите од минатото сè потешки и потешки. Истовремено ги поставува клучните прашања за тоа дали може да се постигне долгорочна стабилност и помирување во регионот на Западен Балкан без соочување со минатото.

Европската унија е во позиција да го сподели сопственото искуство во надминувањето на последиците од војната и создавањето на процесот на интеграција врз основа на владеење на правото. Помирувањето не се случи преку ноќ. Но, проектот за европска интеграција ги отвори вратите кои беа затворени од конфликтот и создаде рамка за помирување и соочување со минатото. Зголемениот фокус на Европската унија на помирувањето при ангажманот со земјите од Западен Балкан е особено добредојден.

Постконфликтно „Незавршена работа“.

Постојат неколку основни причини за соочување со минатотo со цел да се поттикне процесот на трајно помирување:

- пред сè,станува збор за важноста на признавање и препознавање на достоинството на лицата кои биле жртви на злоупотребите од минатото. Како поранешен директор на Хјуман рајтс воч, Арије Најер, истакна дека: „Ако не успееме да се соочиме со она што се случило со нив, тврдиме дека тие луѓе не се важни, и дека само иднината е важна. На тој начин, ја овековечуваме, дури и ја влошуваме, нивната виктимизација“;

- второ, потребата да се даде приоритет на владеењето на правото и на процесот на транзициска правда со кој се гарантира соодветен процес за сите идентификувани сторители и да се донесе правда на жртвите;

- трето, елементот на одвраќање, ставање крај на неказнивоста и воспоставување на независен судски систем и демократско владеење со кое се гарантира одговорноста на владата со цел да се спречи повторување на таквите прекршоци.

Неуспехот да се одговори на предизвикот на помирувањето лесно може да ја загрози долгорочната стабилност во едно постконфликтно општество. Како што е прикажано и од искуството од Чиле и од искуството од Јужна Африка, еден успешен процес на помирување бара повеќеслоен и повеќедимензионален пристап. За Западен Балкан, тоа значи градење на општество кое се заснова на владеење на правото, со независно судство, промовирање на интегрирано образование од основно до терцијарно ниво во мултиетничка и мултикултурна средина, градење на доверба меѓу поранешните противници и етнички заедници на национално и на локално ниво, промовирање на настава по историја која не го прочистува минатото и не овековечува стереотипи, и поддржување на сите напори кои може да придонесат на развојот на општество кое се базира на „заедница на вредности“.

За да се обезбедат најдобри услови за успешно помирување, треба да се исполнат неколку важни услови:

- процесот на помирување треба да ги вклучи сите сектори на општеството;

- треба да произлезе од самото општество и треба да се поттикне, наместо да се наметне однадвор; треба да вклучува мултидисциплинарен пристап, од настава по историја до образование, спорт и култура.

Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија.

Во однос на судскиот процес, најзначајниот напредок во врска со воените злосторства за време на почетокот и средината на деведесеттите години на Западен Балкан е, без сомнение, Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија (МКСЈ). Во текот на својата 24 годишна историја, од 1993 до 2017 година, во повикувањето на отчетност на оние кои се одговорни за најлошите злосторства од Втората светска војна, трибуналот воспостави неспоредлив рекорд во меѓународното кривично и хуманитарно право. Изрече 161 обвиненија и собра богатство на докази и судска практика. Меѓународниот резидуален механизам за кривични судови кои следеше ќе го зачува оваа богато наследство и ќе промовира најдобри практики во хуманитарното право.

Според некои тврдења, и покрај тоа што за многумина трибуналот би овозможил разрешница на неправдите од минатото, кај многу други би создал чувство на виктимизација. Во некои случаи, осудени воени злосторници беа пречекувани дома како херои, па дури и беа вклучувани во листите на кандидати за избори на владејачките партии.

Во овој поглед, важно е да се запамети дека еден од четирите принципи на работа на Меѓународниот суд е „придонес за враќање на мирот преку промовирање на помирувањето во поранешна Југославија“. Доколку одлуките на Меѓународниот суд беа придружени со паралелни напори за помирување во согласност со својот мандат, на овој начин би се помогнало во справувањето со чувството на виктимизација.

Во 2005 година, во својот извештај под наслов: „Балканот во иднината на Европа“, Меѓународната комисија за Балканот, изјави дека „Предизвикот со кој се соочува меѓународната заедница во моментов е како да се преведе на повоената условеност на МКСЈ кој е задолжен за испитување конкретни дела во трибунал кој гледа напред и се фокусира на зајакнување на европските вредности во балканските општества“. Во поново време, Серж Брамерц, поранешниот главен обвинител на МКСЈ призна дека Трибуналот не успеа да постигне помирување во поранешна Југославија: „Како што видовме, злосторствата оставиле рани кои сè уште не заздравиле. На воените злосторници и понатаму се гледа како на херои, а жртвите и преживеаните се игнорираат и забораваат“.

Комисии за лустрација.

Престанокот на мандатот на МКСЈ донесе дополнителен фокус на активностите кои самиот регион започна или ќе започне да ги презема во иднина за справување со минатото.

Се појавија некои обиди за воспоставување на комисии за лустрација во регионот. Но, како што беше случај во Македонија, целта на ваквите напори повеќе беа реваншизам и одмазда против политичките противници и ривали, отколку потрага по правда и помирување. Комисијата за лустрација основана во 2008 година од страна на тогашната влада предводена од поранешниот премиер Никола Груевски стана толку дискредитирана што владата беше принудена да ја прекине нејзината работа по постојаните критики изнесени против комисијата од страна на меѓународната заедница. Венецијанската комисија на пример посочи на потенцијалната „злоупотреба на политички, идеолошки или партиски причини, како основа за мерките на лустрација“. Покрај тоа, Европскиот суд за човекови права издаде пресуди за поништување на голем број на одлуки на Комисијата.

РЕКОМ и улогата на граѓанското општество.

Веројатно најсеопфатните напори за воспоставување на механизам за промовирање на вистината и помирувањето во регионот на Западен Балкан е т.н. „иницијативата РЕКОМ“. Оваа иницијатива собра импресивна мрежа на граѓански организации и поединци кои се залагаат за формирање на Регионална комисија за утврдување на фактите за жртвите на воените злосторства и други тешки кршења на човековите права извршени во поранешна Југославија во периодот од 1991 и 2001 година. Се стекна со особена важност во блиското минатото и за неа се дискутираше на највисоко ниво во регионот. Ова само по себе е успех за РЕКОМ и претставува директен резултат на притисокот што го наметна на лидерите во регионот. И ЕУ одвои финансиски ресурси за поддршка на активностите на РЕКОМ, и ја истакна нејзината улога во Стратешкиот документ од 2018 година, издаден од страна на Европската комисија за ангажманот на ЕУ во Западен Балкан.

Сепак, иницијативата допрва треба да стекне повеќе од само гласна поддршка од страна на сите држави во регионот. Преведувањето на оваа вербална поддршка во конкретно дејство останува од суштинско значење доколку иницијативата претендира да ја постигне својата цел за воспоставување на меѓувладина комисија во која ќе бидат вклучени сите земји од регионот. Заклучоците на претседателката од дискусиите на последниот самитот во рамките на т.н. „Берлински процес“, кој на едно место ги донесе лидерите на ЕУ и Западен Балкан, на состанокот во Познан, на почетокот на јули оваа година, даваат посебен осврт и на „Заедничката декларација за исчезнати лица во рамките на Берлинскиот процес“ и „Заедничката декларација за воени злосторства“, а се споменува РЕКОМ. Заклучоците, исто така, се однесуваат на „важноста на признавање и почитување на меѓународните и домашните судски пресуди за воени злосторства, отфрлање на говорот на омраза и избегнување на глорификацијата на воените криминалци и давањето поддршка на домашните обвинители во изведувањето на сторителите пред лицето на правдата“.

За жал, како што увидовме, зборовите не се доволни за да се гарантираат конкретни дела и колективни и одлучни напори од страна на лидерите во регионот. Колку повеќе политичките лидери го одложуваат прифаќањето на потребата за поставување на механизам кој ќе се справи со минатото и ќе го отвори патот за помирување во регионот, толку потешко ќе биде постигнувањето на трајна стабилност во регионот.

Веројатно најдобриот начин да се постигне оваа цел на долг рок ќе биде да се зголемат напорите во сите области кои имаат допир со помирување на организациите кои работат на терен и во локалните заедници во целиот регион. Улогата на граѓанското општество во овој поглед останува од витално значење. Повеќе отколку во било кој друг регион, како резултат на наследството на историјата, слабите институции и недостатокот или отсуството на нормалните контролни механизми кои ние ги земаме здраво за готово, придонесот на актерите на граѓанското општество е оној кој бара отчетност од владата, и на национално ниво и на ниво на локалните заедници. Ако процесот на помирување може да се вклучи во сите активности промовирани од страна на овие организации и да биде поддржан од страна на меѓународната заедница, тоа ќе помогне во создавањето на таа „заедница на вредности“, која ќе ги здружи сите сектори на општеството. Овој пристап од долу кон горе, доколку е успешен, ќе претставува дополнителен притисок врз политичкото лидерство на секоја земја.

Во случајот со Јужна Африка, постапката на Комисијата за вистина и помирување беше придружена со цела низа на активности на локално ниво, често предводени од женските организации и локалните лидери на заедницата. Ова создаде колективен напор во негување на култура на човековите права и помирување во земјата.

Искрено, лидерите од Западен Балкан имаат преземено голем број на иницијативи, иако со поттик на ЕУ, кои со надеж треба да придонесат на севкупниот напор за градење на доверба и поттикнување на поголема интеракција и поврзување во регионот. Регионалната канцеларија за соработка на младите е формирана и веќе функционира, а таму се среќаваат младински организации од целиот регион.

Промовирањето на културните врски, исто така ќе помогне во уривањето на бариерите и надминувањето на стереотипите. Ова е особено важно во регион каде родителите на денешната младина и членовите на постарата генерација се сеќаваат на деновите кога тие можеле слободно да патуваат без ограничувања низ цела поранешна Југославија. Денес, таму нема само граници, туку и административни ограничувања, а да не зборуваме за психолошките бариери кои го прават слободното движење потешко и покомплицирано.

Во секторот на образованието има успешни модели на интегрирано образование во мултиетнички заедници, како Нансен Дијалогот кој функционира во неколку училишта во Република Северна Македонија. Наставата по историја и изработката на заеднички учебници по историја навистина ќе помогне во елиминирањето на обидите за препишување на историјата и повторување на стереотипите меѓу соседните земји во регионот и меѓу самите етнички заедници. Советот на Европа, како и Високиот комесар на ОБСЕ за национални малцинства веќе поддржаа многу иницијативи во оваа насока. Тоа се области во кои ЕУ треба да ја зголеми својата финансиска поддршка, сè додека одделните влади во регионот не ги вклучат овие иницијативи како интегрален и постојан дел од владините политики.

Учење од претходни вежби за помирување.

Нема два постконфликтни мировни процеси или транзиции од диктатура кон демократско општество кои се засноваат на исто владеење на правото. Но, постојат одредени принципи и елементи кои може да ги инспирираат сегашните или идните напори за помирување во постконфликтните општества. На пример, сите страни вклучени во конфликтот во Северна Ирска во 1997 година отпатува за Јужна Африка за да видат кои лекции од транзицијата на Јужна Африка од режимот на Апартхејдот кон демократијата би можеле да бидат корисни на напорите за мир во Северна Ирска. Главните преговарачи на новиот устав на Јужна Африка, исто така, отпатуваа до Северна Ирска. Оваа интеракција помеѓу двата процеси, иако не беше одлучувачки фактор, сепак претставуваше значаен фактор што придонесе на мировниот процес во Северна Ирска и Договорот од Велики петок од 1998 година.

Еден елемент кој е заеднички за сите е лидерството кое е вклучено во остварувањето на помирувањето. Речиси секогаш успехот постигнат во постконфликтните напори за мир и помирување се должи во голема мера на личности кои го придвижуваат процесот. Во случајот на Јужна Африка, тоа беше храброста и лидерството на надбискупот Дезмонд Туту кој претседаваше со Комисијата за вистина и помирување и Нелсон Мандела, како гаранција дека процесот ќе се стекне со најширокото можна прифаќање.

За Европската унија, тоа беше францускиот министер за надворешни работи Роберт Шуман и другите основачи на процесот на европска интеграција кои го предводеа патот кон помирување во Европа. Низ историјата на процесот на европска интеграција што следеше, видовме храбри гестови од лидери кои ја разбраа критичната важност на предводењето преку пример и подавањето рака на поранешните непријатели. Меѓу нив се и канцеларот Вили Брант кој клекна на колена во поранешното еврејско гето во Варшава во 1970 година, претседателот Митеран и канцеларот Кол кои се држеа за раце на церемонијата за комеморација на битката од Верден во 1984 година, изборот на Симон Веил, поранешен воен заробеник, за претседател на првиот директно избран Европскиот парламент во 1989 година, Кралица Елизабета со посетата на споменикот на лидерите од Востанието во Даблин од 1916 година за време на нејзината прва официјална посета на Ирска во 201 година, и ракувањето со поранешниот лидер на ИРА Мартин МекГинис за време на нејзината посета на Северна Ирска во 2012 година.

Ова се сите моќни симболи кои го нагласуваат трпението и упорноста кои се потребни за постигнување на помирувањето. Тие покажуваат дека помирувањето не е настан, туку процес, кој изискува храброст и лидерство.

Ова е предизвик со кој се соочува Западен Балкан. За да се ​​биде успешен ќе биде потребна целосна промена на начинот на размислување, каде предрасудите се заменуваат со толеранција и почит, а победникот го зема предвид целокупниот менталитет и го заменува со компромис и градење консензус. Само тогаш општеството ќе ја постигне таа „заедница на вредности“, која ќе гарантира траен мир и стабилност.

Ерван Фуере,

септември 2019 година

 

ДОПОЛНИТЕЛНО ПРОЧИТАЈТЕ

Нашиот Колумна

Колумна DwP е нов медиумски производ на онлајн платформа за справување со минатото www.dwp-balkan.org. Колумна DwP е регионална онлајн платформа за конструктивно размислување за теми поврзани со справување со минатото, со цел зајакнување на конструктивен и отворен пристап на регионално ниво. Со користење на ваков блог сакаме да промовираме конструктивен онлајн дискурс поврзан со тековните теми од областа на справување со минатото.

Одрекување од одговорност

Колумна - Справување со минатото е дел од регионалната веб-страница за справување со минатото www.dwp-balkan.org, и служи како онлајн платформа за конструктивни дебати за теми поврзани со справување со минатото. Ставовите изразени на овој блог се оние на неговите автори / блогери и не мора да го одразуваат гледиштето на уредниците или организацијата forumZFD (форум Civil Peace Service). Копирањето и прераспределбата на овој материјал се поттикнува, под услов текстот да не е изменет и да е вклучено соодветно наведување на веб-страницата и името на авторот. Копирањето и прераспределбата се бесплатни.