Жени во бронза

Во повеќето земји од Источна Европа, архитектурата на ерата на социјализмот се карактеризираше со подигање споменици кои беа мешавина од национализам и социјализам. Речиси секоја земја од социјалистичкиот блок имаше своја, сопствена „Мајка“[1], гордо овековечена во бронза – од Украина до Грузија, Ерменија, Русија и Албанија. Тие споменици прикажуваат анонимна жена[2], која претставува инкарнација на женските/мајчинските одлики на родната земја.

„Мајка Албанија“, „Споменикот на родната земја“ во Украина, „Родната земја повикува“ во Русија, „Мајка Ерменија“ и „Мајката на Грузија“ – сите ја сместуваат женската фигура на жена на пиедестал. Додека „мајката“ на една нација често беше апстрактно дело од бронза, „таткото“ на нацијата беше конкретна фигура. Тој навистина живеел. Тој бил „пронаоѓачот“, „херојот“, без оглед дали бил некој водач на средновековно востание или на неодамнешната социјалистичка револуција.

Се разбира, тоа самото по себе содржи портрет на „типичната жена“ и на нејзиното место во социјалистичкото општество, утврдено со доминантната идеологија на режимот. Жената била мајка. Таа била мајката на нацијата, нејзиниот физички и духовен обновувач. Таа била онаа која ги раѓала „храбрите мажи“ и потоа ги воспитувала во „духот на патриотизмот“. Таа имала пасивна улога на хранител, медицинска сестра и едукатор на помладите генерации. Според тоа, највоздигнатата фигура на нацијата треба да биде жена. Спомениците на социјалистичките „мајки“ на нацијата беа секуларните „Дева Марии“, приспособени на политичките и идеолошките околности на таа ера.

Косово беше исклучок. Косово немаше „мајка“ извајана во бронза. Можеби поради фактот што ниту беше независна држава како СССР или Албанија, ниту, пак, беше република како Ерменија, Грузија или Русија.

Всушност, Косово не само што нема споменик на „Мајката на нацијата“, туку, општо земено, има екстремно мал број на споменици, меморијали и бисти на историски женски фигури. Иако секое ќоше е исполнето со споменици на мажи кои дале придонес, главно, во политичките и воените активности, но и во културата, академијата, итн., бројот на споменици подигнати во чест на жените е мал. Екстремно мал.

Се подразбира дека, без намера да се стане жртва на виктимизацијата, мора да се признае дека бројот на мажи кои дале свој придонес во различни сектори на косовското општество е поголем од бројот на жени. Сепак, тоа си има свое објаснување. Како општество во кое патријархатот е многу моќен, особено во минатото, бројот на жени кои имале можност подеднакво да успеат во јавниот живот како и мажите бил многу помал.

Освен тоа, за една жена било многу тешко да се вклучи во политички или воени активности. Дури и во текот на војната, бројот на жени - борци бил пропорционално помал од бројот на мажи. И во неколкуте случаи на учество на косовски жени во Ослободителната армија на Косово (УЧК), повеќето од нив имале секундарна улога, како што се лекарки и медицински сестри, како дел од воената логистика или како доверливи курири на терен, главно, во градовите. За едно патријархално општество, војната и битките се сметаат како нешто што ексклузивно им припаѓа на мажите, па дури и самата војна се смета за машка одлика. И, со оглед на малиот број на жени учесници во УЧК, бројот на споменици посветен на жени е, исто така, повеќе пати помал од оние посветени на мажи.

Споменикот на Мајка Тереза

Всушност, првиот споменик подигнат во чест на Албанка во Косово бил на жена која ниту пораснала, па дури ниту била родена во Косово. Таа била религиозен мисионер. Тоа е Мајка Тереза. Таа била од Скопје, град кој денес е многу близу до Косово и со, речиси, иста општествена средина како Косово. Но, на возраст од 18 години, таа заминала за Ирска, а една година подоцна, во 1929, отпатувала во Индија, за да им помага на сиромашните во една католичка мисија.

Мајка Тереза никогаш не ги заборавила своите албански корени. Не само тоа,во декември 1990 година, таа ја посетила Тирана, која тогаш сé уште била под комунистички режим. Мајка Тереза се сретнала со Рамиз Алија, претседател на Албанија и наследник на Енвер Хоџа, и побарала од него дозвола да ја основа својата милосрдна мисија во Албанија. Таа не го заборавила ниту Косово. Всушност, во текот на својот живот, Мајка Тереза ги посетила Косово и Скопје пет пати[3] – во 1970, 1978, 1980, 1982 и 1986 година.

Со распаѓањето на Југославија кон крајот на осумдесеттите години од минатиот век, се јавија првите форми на политички плурализам. Првата некомунистичка политичка партија формирана во Косово беше Демократската лига на Косово, предводена од д-р Ибрахим Ругова. Тој го засноваше својот политички дискурс на историските референции од минатото, а Мајка Тереза беше една од најзначајните фигури во политичката нарација на Ругова.

Ругова, исто така, ги користеше овие фигури и во симболична смисла. По војната, тој предложи да се изгради катедрала во центарот на Приштина во чест на албанската мисионерка. Во 2002 година, беше избрана и локацијата – во центарот на Приштина, на местото на едно средно училиште. Во истата година, Владата ја одобри изградбата на катедралата „Мајка Тереза“, а во 2010 година таа беше инаугурирана на 100-годишнината од нејзиното раѓање.

Пред тоа, во јули 2002 година, на булеварот во градскиот центар беше подигнат споменик во чест на Мајка Тереза, кој, исто така, беше именуван по неа, со што таа стана првата жена на која и беше подигнат споменик по војната.

Меморијал на „хероињите“

Во текот на последната војна на Косово, во 1998 и 1999 година, илјадници Албанки беа силувани[4] од страна на српските воени и полициски сили, како и од српските паравојски поврзани со српската влада. Според некои процени[5], бројот на силувани жени достигнува 20.000. Индивидуалните сведоштва на преживеаните се ужасни; тоа се сведоштва за силување во домови, па и пред очите на членовите на семејството, во притвори, во редиците бегалци, и сето тоа придружено со тепање и понижување...

До ден-денес, малку е сторено за оваа „категорија“ која ја преживеа војната. И покрај усвојувањето на законот со кој се предвидува тие што преживеале да добијат барем материјално обесштетување и морална поддршка, неговото целосно спроведување досега е занемарено, поради бирократски компликации. Всушност, дури и правењето список на сите жени кои биле злоупотребени за време на војната стагнира до ден-денес.

Но, иако со големо задоцнување, не отсуствува споменот за нив. Во јуни 2001 година, на 16-годишнината од ослободувањето на Косово, во центарот на Приштина е подигнат споменик во чест на жените кои биле силувани во војната. Направена е фигура на женски лик од 20.000 игли, од кои секоја претставува жртва на силување во Косово. Тоа не е статуа или биста на една конкретна жена, но, сепак, ја претставува болката на илјадници жени и, како таква, може да се смета за „статуа на жени“.

Статуата на Хуре Емини

Хуре Емини е родена во Урошевац во 1973 година. Уште во студентските години на Универзитетот во Приштина, таа била ангажирана во Советот за заштита на човековите права, како и во илегални организации. На возраст од 21 година, била уапсена од Државната безбедност во нејзиниот роден град. Откако ја ослободиле, заминала да студира во Тирана, но во 1988 година се вратила дома и станала борец на УЧК. Хуре се борела во тешки битки, рамо до рамо со нејзините соборци - мажи. Нејзиното герилско име било „Мира“.

По крајот на војната, Хуре била ангажирана во Силите на заштита на Косово (СЗК). Во меѓувреме, кога во 2001 година во Македонија изби оружен конфликт, Хуре се повлекла од СЗК и станала член на Ослободителната народна армија (ОНА) во Македонија. На 29 јули 2001 година, заедно со четири нејзини соборци, еден од Косово, еден од Албанија и двајца од Македонија, Хуре била убиена во битката кај Кук-Забел, Гостивар.

Во март 2017 година, во центарот на Урошевац, нејзиното родно место, беше откриена статуата на Хуре Емини – Мира. Голем број граѓани излегоа да и оддадат чест на Мира. Со тоа, таа стана првиот војник на ОНА во чија чест е подигната статуа во Косово.

Статуата на Џеве Красниќи-Љадровци и Фехми Љадровци

Џеве Красниќи-Љадровци е родена 1955 година, во селото Дреница. Таа била ќерка на активист на тајни организации, кој во осумдесеттите години работел во илегала на организирање на востанието против Социјалистичка Федеративна Република Југославија. Уште како млада, таа, како и татко ѝ, се вклучила во движењето на отпорот.

Во текот на нејзиниот политички активизам, таа се запознала со водечкиот активист на подземните операции, Фехми Љадровци. Фехми подоцна бил уапсен и осуден на 10 години затвор, но Џеве и Фехми пред тоа решиле да се венчаат. И покрај тоа што Фехми бил во затвор, Џеве живеела во неговиот дом, како што налагала традицијата, и станала невеста без младоженец. Кога Фехми бил ослободен од затвор, поради политичкиот прогон, и двајцата решиле да заминат од Косово и да побараат политички азил во Швајцарија, од каде продолжиле со нивниот политички активизам сé до пролетта 1997 година.

Во мај истата година, Џева и Фехмиу заминале за Косово, минувајќи преку албанските планини неколку дена, каде што се обиделе да се вооружат и да основаат единици на УЧК во Косово. Но нивниот обид не успеал, бидејќи биле откриени од Србите, па повторно се вратиле дури во март 1998 година.

Џеве учествувала во најтешките битки што се воделе во Дреница. На 22 септември 1998 година, додека ја предводел битката, Фехми бил убиен. За да не ослаби самодовербата кај војниците, Џеве ја презела командата и продолжила со битката, додека и таа самата не била убиена неколку часа подоцна. Џеве и Фехми не биле само сопружници, туку и активисти, колеги и соборци.

По војната, Џеве и Фехми се прогласени за „херои на Косово“. Таа е промовирана и во „посмртен генерал-мајор“ на УЧК.

Во септември 2018 година, во центарот на Глоговац, беше откриена статуата на Џеве и Фехми Љадровци. Споменикот наликува на начинот на кој го живееле животот - тие се заедно, рамо до рамо, како пријатели во животот, активизмот и во борбата.

Низ цело Косово може да се сретнат статуи и бисти на други жени, како што е Ганименте Тербеши, антифашистичка активистка, која била обесена од страна на германските нацисти во 1944 година, на 17-годишна возраст, во центарот на Ѓаковица. Повеќето од тие бисти се поставени во училиштата што го носат нивното име.

Но, она што недостига на Косово се повеќе споменици во градовите, на булеварите, во парковите, итн., споменици на жени кои дале придонес за подобро општество. И не само жени кои се бореле со пушка в раце, туку и жени кои биле истакнати на полето на науката, академските достигнувања, културата, уметноста, литературата, и слично.

Сепак, се чини дека во моментот тоа не е приоритет на нашата влада. Земја која се дави во „големи теми“, почнувајќи од преговорите со Србија, па до темата на вработување на партиските војници, тешко наоѓа време да расправа дури и за тема како што е насилство над жените, а не, пак, за тема како што е чествувањето и овековечувањето на жените кои дале придонес во нашето општество.

Може само да се надеваме дека во иднина ќе има посериозна посветеност на женските права – најпрво, за оние кои се живи, а потоа и за оние кои починале и ја заслужуваат нашата почит, барем во вид на статуа.

Евриса Руковци


[3] https://www.kultplus.com/tag/nene-tereza-viziton-kosoven/

[4] https://www.politico.eu/interactive/a-dark-legacy-the-scars-of-sexual-violence-from-the-kosovo-war/

[5] https://www.theguardian.com/global-development/2018/aug/03/after-two-decades-the-hidden-victims-of-the-kosovo-war-are-finally-recognised

ДОПОЛНИТЕЛНО ПРОЧИТАЈТЕ

Нашиот Колумна

Колумна DwP е нов медиумски производ на онлајн платформа за справување со минатото www.dwp-balkan.org. Колумна DwP е регионална онлајн платформа за конструктивно размислување за теми поврзани со справување со минатото, со цел зајакнување на конструктивен и отворен пристап на регионално ниво. Со користење на ваков блог сакаме да промовираме конструктивен онлајн дискурс поврзан со тековните теми од областа на справување со минатото.

Одрекување од одговорност

Колумна - Справување со минатото е дел од регионалната веб-страница за справување со минатото www.dwp-balkan.org, и служи како онлајн платформа за конструктивни дебати за теми поврзани со справување со минатото. Ставовите изразени на овој блог се оние на неговите автори / блогери и не мора да го одразуваат гледиштето на уредниците или организацијата forumZFD (форум Civil Peace Service). Копирањето и прераспределбата на овој материјал се поттикнува, под услов текстот да не е изменет и да е вклучено соодветно наведување на веб-страницата и името на авторот. Копирањето и прераспределбата се бесплатни.