Autor: Husnija Kamberović

Историски ревизионизам во Босна и Херцеговина

Веќе подолго време историјата не е само наука за минатото, туку и алатка која политичките елити ја користат за да ги постигнат своите политички цели. Оваа злоупотреба на минатото е очигледна и во Босна и Херцеговина. Можеби не до степен до кој е присутна во Хрватска и во Србија, но брановите на историскиот ревизионизам од Хрватска и од Србија се прелеаја во Босна и Херцеговина и тука наидоа на плодна почва. Тоа започна да се манифестира во раните 90-ти и сѐ уште е присутно и денес во историографијата како наука, како и во искористувањето на историчарите и историските институции од страна на политичките елити во јавниот дискурс.

Создавањето на Југославија, Втората светска војна и социјалистичкиот период се најпогодни полиња за тестирање на успехот на историскиот ревизионизам и во Босна и Херцеговина. Ова не е научно преиспитување на процените врз основа на нови историски факти, туку создавање на нова историска реалност со цел да се оправдаат новите политички односи и да се создадат нови идентитети. Југославија, со своето мултиетничко искуство, по нејзиното распаѓање во текот на 90-тите години на минатиот век, дури и како непостоечка држава, сепак претставуваше опасност за легитимноста на современите национални елити. За некои, создавањето на Југославија беше „историска грешка“, други сметаа дека тоа е насилен чин, додека некои сметаа дека тоа е факт во неколку наврати проследен со масовен терор.

Целта беше секогаш иста: да се делегитимира процесот на создавање на заедничката југословенска држава. Задачата беше да се докаже дека создавањето на Југославија е историска грешка, при што контекстот на крвавото распаѓање на Југославија во 90-тите години на минатиот век беше префрлен во времето на создавањето на Југославија на почетокот на 20-от век.

Сепак, Втората светска војна беше најважното поле за градење на нова историска слика. Тука беше очигледен процесот на создавање „национален“ и одрекување од народно-ослободителениот антифашизам, поврзан со комунизмот, заедно со вклучувањето на „новите“ херои во јавниот простор. Пример за ова може да биде именувањето на училиште во Сараево по Мустафа Бусулаџиќ, човек кој држел говори и објавувал статии за време на Втората светска војна, кои многумина ги толкуваат како антисемитски и шовинистички.[1] Собранието на Сараевскиот кантон ја доби поддршката за ваквата одлука од Институтот за историја на Универзитетот во Сараево, најважната научна институција во областа на историските истражувања во Босна и Херцеговина. Иако и порано беше именувана улица во Сараево по Мустафа Бусулаџиќ, именувањето на училиште има посебна тежина од причина што за таа цел беше искористена една научна историска институција; имено, Собранието како аргумент ја искористи позицијата на Институтот дека Бусулаџиќ не бил антисемитист, туку еден од најголемите бошњачки интелектуалци, убиен во 1945 година само затоа што бил „антикомунист“. Сличен обид за користење историски и историографски институции е забележан за време на кампањата за утврдување на датумот на основањето на Сараево[2], но, барем досега, овој обид не бил успешен. Позицијата на пошироката научна заедница преовладува, што е охрабрувачко. Разочарувачки е што во Република Српска нема доволно критична маса меѓу историчарите да се спротивстават на именувањето на студентски дом во Пале по Радован Караџиќ, осуден за злосторство за геноцид. Ова именување на улиците и студентските домови е обид за ревизија на блиското минато на јавниот простор, како и периодот на Втората светска војна. Тоа е обид да се наметнат антихерои како херои кои ќе бидат примери за новите генерации.

Сепак, поголем ревизионистички акт кон Втората светска војна беше донесен пред околу триесет години, кога, во 1993 година, Парламентот на Република Српска донесе одлука со која ги поништува сите одлуки донесени на седницата на Државниот антифашистички совет за национално ослободување на Босна и Херцеговина (ЗАВНОБиХ) во Мркоњиќ Град во 1943 година, со што директно се интервенираше во минатото. Покрај тоа, на четниците им е доделен статус на антифашистичко движење; исто така, припадниците на 13. СС дивизија се прогласени за борци за правата на муслиманите, додека воените злосторства извршени од оваа дивизија се прогласени за комунистичка измислица. Кога во 2012 година беше организирана научна конвенција за Бошњаците и Втората светска војна, главната цел беше да се нагласат страдањата на Бошњаците и да се афирмираат муслиманските воени формации како нивни заштитници, со јасна порака дека: „Бошњаците не смеат повторно да бидат неорганизирани и неподготвени“. Нагласувањето на специјалните муслимански воени формации служи за дополнително маргинализирање на партизанското движење, единствената воена формација која стана клучен заштитник на муслиманите за време на војната (иако, особено на почетокот на војната, многу муслимани беа убиени од „партизанската пушка“). Во исто време, муслиманските резолуции од 1941 година се прогласени за антифашистички, иако биле доставени до властите на Независна Држава Хрватска (НДХ). Во написите и документите, партизанското движење е опишано како дива одмаздољубива селска маса што уништува сè што личи на граѓанското општество, додека верските заедници наводно цело време биле под напад на апаратите на репресивната комунистичка држава. Сите овие дејства се насочени кон преобразување на партизанското движење, како воен победник во Втората светска војна, во криминална армија и трансформирање на воените губитници во национални заштитници, со цел конструирање на историски легитимитет за новите етнички владејачки елити. Во тој поглед, посебен акцент беше ставен на партизанските злосторства веднаш по Втората светска војна, без обид за контекстуализирање на однесувањето на новите власти, а на тој начин придонесувајќи кон подобро разбирање на настаните на почетокот на комунистичкото владеење. Потребно е да се напишат многу страници за да се надмине овој „бинарен систем“ на гледање на Втората светска војна и да се испитаат сите нијанси на војната.

Особено важна цел во ревизионистичките пристапи кон историографијата на Босна и Херцеговина беше ерата на социјалистите. И додека некои некритички ги промовираа достигнувањата од тој период, други зазедоа сосема спротивен пристап. Новите идентитетски корени се бараа во наративите кои се многу постари од социјалистите, најпрво во средновековниот период на Босна и Херцеговина, во текот на 90-тите, а потоа и во османлискиот период, каде историографијата игра најважна улога. Само што забораваа дека модерната историографија не може повеќе да ја игра истата улога како онаа што ја играше во 19-от век.

Хуснија Камберовиќ е професор на универзитетот во Сараево. Доктор е по историја на Универзитетот во Загреб и соработувал на бројни домашни и меѓународни истражувачки проекти. Претседател е на Здружението за модерна историја и иницијатор на History Fest https://www.historyfest.ba/, кој се организира во Босна и Херцеговина од 2017 година. Како истражувач, се занимава со темите од историјата на Босна и Херцеговина и Југославија во европски контекст.


FILTER

ДОПОЛНИТЕЛНО ПРОЧИТАЈТЕ

Што е Балкански.Перспективи?

Балкански.Перспективи е регионално списание кое се фокусира на соочување со минатото (СсМ) во Западниот Балкан. Списанието се изработува на четири (4) јазици и е заеднички проект помеѓу Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија и Србија. Списанието е платформа за локалните актери кои го подржуваат конфликт – сензитивниот дискурс на теми поврзани од неодамнешното минато. Списанието нуди плуралност на перспективите на СсМ насекаде во регионот и цели кон оспорување на стереотипите и етноцентричните наративи, како и охрабрување на критичкото размислување, поширока дебата и засилување на конструктивните пристапи за соочување со неодамнешното минато.


Можете електронски да се претплатите на списанието со испраќање на електронска пошта на: balkan.perspectives@forumzfd.de.

Го поздравуваме и цениме вашето мислење и фидбек и се надеваме дека ова списание ќе ви биде вреден ресурс.

 



Балкански.Перспективи