Autor: Marko Krtolica

Игнорирање на потребата од соочување со проблематичното комунистичко минато

Прв период (1991-1998 година) 

Како што веќе напоменавме, првиот период од односот кон комунистичкото минато, е период во кој македонските политички елити одлучија целосно да ја игнорираат потребата од соочување со комунистичкото минато и не презедоа ниту еден механизам на транзиционата правда во таа насока. Причината за таквата реалност лежи во фактот дека уривањето на комунистичкиот режим и потрагата по демократија во Македонија дојде по пат на трансформација. Реформираните политички елити (СДСМ), кои претходно беа дел од Комунистичката партија ја поведоа Македонија прво во борба за независност и самостојност, а потоа и ја контролираа македонската транзиција се до 1998 година. На ваквите политички елити треба да им се признае дека успеаја да ја извлечат Македонија од Југославија многу внимателно и без војна (состојба со која ниту една друга пост-југословенска република не може да се пофали), но исто така, треба да се потенцира дека овие политички елити не поседуваа храброст и капацитет да се соочат со комунистичкото минато. Податокот дека партијата која до 1998 година беше на власт (СДСМ) беше претежно составена од политичари, кои својата кариера ја започнаа за време на комунистичкиот период ни говори зошто оваа партија немаше одлучност да влезе во процес на соочување со комунистичкото минато. 

Меѓутоа, се чини дека во македонското општество постоеја и други фактори, кои придонесоа во текот на 90 – тите години на XX – от век да се игнорира потребата за соочување со комунистичкото минато во Македонија. Во таа насока, треба да имаме во предвид дека природата и генезата на југословенскиот комунистички режим играа голема улога во определувањето на судбината на соочувањето со комунистичкото минато во Македонија. Првенствено, комунистичкиот режим во Југославија, а со тоа и во Македонија не беше наметнат од СССР и Црвената армија туку беше последица на автентичен антифашистички отпор за време на Втората светска војна предводен од страна на Комунистичката партија и Јосип Броз Тито. Тоа значи дека комунистичкиот режим во Југославија и Македонија израсна од југословенско и македонско тло и беше поврзан со локалното население и настани. Второ, најбруталната фаза на југословенскиот комунистички режим беше во првите години по неговото креирање, односно од 1945 до 1956 година. Тоа е периодот кога во Југославија, а со тоа и во Македонија за пресметка со политички неистомисленици беа користени затвори, логори и убиства. Тоа е периодот на озлогласениот Голи Оток. Токму во овој период преку монтирани судски процеси, логори, затвори и исклучувања од Комунистичката партија во Македонија целосно беше елиминарано промакедонското крило на југословенската и македонската политичка сцена. При таквата елиминација настрадаа Методија Андонов Ченто, Панко Брашнаров, Павел Шатев, Петре Пирузе – Мајски, Богоја Фотев, Јонче Фотев, Ризо Ризов, Мире Анастасов, Димче Аџи Митревски, Лазар Соколов, Владимир Полежиновски, Генадиј Илиев – Лешко, Венко Марковски, Васил Калајџиски, Кирил Петрушев, Кемал Аголи, Неџат Аголи и многу други. Меѓутоа, почнувајќи од средината на 50 – тите години на XX – от век во Југославија дојде до големо намалување на степенот на репресивност и бруталност. Таквото намалување доведе југословенскиот комунистички режим по 50 – тите години на XX – от век при своето делување да користи суптилни форми на притисок, а не затвори, логори и убиства. Намалувањето на репресивноста и бруталноста во Југославија беше следена и со либерализација и демократизација во полето на економијата, науката, уметноста, културата, како и можноста за патување вон и во земјата. Поради тоа, често во науката се сретнува ставот дека комунистичка Југославија беше поблиску до авторитарен отколку тоталитарен режим. Сето ова, ни говори дека во Југославија, а со тоа и во Македонија, степенот на бруталност и репресивност беше далеку помал во споредба со другите комунистички режими во Европа. Таквата реалност во пост-комунистичка Македонија негативно влијаеше врз свесноста за потребата и важноста од соочување со комунистичкото минато на оваа држава. Дополнително, многу важен податок е дека македонскиот народ во рамките на југословенската федерација за прв пат го оствари својот долгогодишен сон за формирање на сопствена држава. Формирањето на македонска држава во рамките на југословенската федерација воедно значеше и за прв пат создавање на македонски државни и национални институции. Институции, кои придонесоа за признат активен и суверен јазичен и културен идентитет на македонскиот народ. Затоа, токму во периодот на југословенскиот комунистички режим дојде до златната доба на националната ренесанса на македонскиот народ. Кога на ваквата реалност ќе го додадеме и фактот дека југословенскиот комунистички режим припаѓаше на комунистичките режими, кои нудеа квалитетни социјални, образовни и здравствени услуги доаѓаме до одговорот зошто дури и денес македонскиот народ е носталгичен и позитивно ориентиран кон периодот на комунистичка Југославија. Постоењето на определена носталгија и наклонетост на македонскиот народ кон комунистичкиот период имаше негативно влијание во Македонија врз можностите за соочување со комунистичкото минато преку механизмите на транзиционата правда. Исто така, треба да потенцираме дека Македонија во текот на 90 – тите години на XX – от век се соочуваше со големи внатрешни и надворешни предизвици за својот опстанок (војна во Југославија, проблеми околу меѓународното признавање поради проблемот со Грција околу името на државата, трговско ембарго од Грција, војна на Косово, воен конфликт во 2001 година). Таквите проблеми придонесоа во македонското општество да се добие впечаток дека постојат поважни проблеми за решавање од потребата за соочување со комунистичкото минато. Тоа, пак, доведе до состојба потребата од соочување со комунистичкото минато во Македонија во текот на 90 – тите години на XX – от да се стави на периферијата на политичкиот дискурс на македонското општество. 

Tаквото игнорирање и потценување на потребата од соочување со комунистичкото минато придонесе во Македонија да се пренесат авторитарни вредности од југословенскиот комунистички режим. Токму тие вредности и денес претставуваат главна болка на македонската демократија. Моќни партиски лидери, партитокрацијата, контрола на медуимите, потиснување на опозицијата, пресметка со политичките неистомисленици, злоупотреба на државниот апарат и тајните служби за партиски цели, проблеми со независност на судството, тешко функционирање на владеењето на правото, како и строгото држење до партиската лојалност и напредок во општеството заради партиска лојалност, а не заради квалитет се работи, се работи кои се секојдневие во македонската демократија, но работи кои македонската демократија не ги измисли туку ги наследи од југословенскиот комунистички режим. Токму во овој режим беше нормално и очекувано создавање на култ на личноста кон лидерот (титоизам), прогласување на една иста личност за доживотен претседател, потиснување на опозиција, избори со една политичка партија, партиски монизам, тешко разграничување каде завршува државата, а каде почнува партијата и обратно, креирање на партиски контролни комисии, кои требаше да одлучуваат и за луѓе и за нивните постапки, пресметка со политички неистомисленици преку монтирани судски процеси или пак, исклучувања од партија, контрола и цензура на медиуми, злоупотреба на тајните служби и државниот апарат во име на партијата и лидерот, делување на тајните служби преку прислушување, уцени, монтирање на предмети, добивање признанија под психичка и физичка тортура. Отсуството на соочување со комунистичкото минато во Македонија придонесе овие авторитарни вредности да го преживеат колапсот на Југославија и да се вгнездат во македонското општество. Преку тоа, овие вредности и денес претставуваат главна опасност за македонската демократија. 
    
Марко Кртолица работи како доцент на Катедрата за уставно право и политички систем на Правниот факултет ,,Јустинијан Први” во Скопје.  Дипломирал на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје на политички студии. По дипломирањето се запишал на магистерските студии по Европски интеграции и регионализам организирани од Универзитетот Карл Франценс во Грац и Автономниот универзитет од Барселона. Своите магистерски студии ги завршил во 2010 година и со тоа станал магистер по европски студии. Во текот на 2012 година, Марко Кртолица се запишал на докторските студии по политички систем на Правниот факултет ,,Јустинијан Први“ во Скопје. Докторирал во 2019 година на тема: ,,Транзиционата правда и нејзината примена во соочувањето со комунистичкото минато во Европа”.
 

FILTER

ДОПОЛНИТЕЛНО ПРОЧИТАЈТЕ

Нашиот Колумна

Колумна DwP е нов медиумски производ на онлајн платформа за справување со минатото www.dwp-balkan.org. Колумна DwP е регионална онлајн платформа за конструктивно размислување за теми поврзани со справување со минатото, со цел зајакнување на конструктивен и отворен пристап на регионално ниво. Со користење на ваков блог сакаме да промовираме конструктивен онлајн дискурс поврзан со тековните теми од областа на справување со минатото.

Одрекување од одговорност

Колумна - Справување со минатото е дел од регионалната веб-страница за справување со минатото www.dwp-balkan.org, и служи како онлајн платформа за конструктивни дебати за теми поврзани со справување со минатото. Ставовите изразени на овој блог се оние на неговите автори / блогери и не мора да го одразуваат гледиштето на уредниците или организацијата forumZFD (форум Civil Peace Service). Копирањето и прераспределбата на овој материјал се поттикнува, под услов текстот да не е изменет и да е вклучено соодветно наведување на веб-страницата и името на авторот. Копирањето и прераспределбата се бесплатни.